Публикација "НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА ЗА 21 ВЕК"
Почитувани колеги,
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор” Македонија како партнер на Центарот за образовни политики од Белград учествуваше во реализирањето на проектот Унапредување на Наставничката професија за инклузивно, квалитетно, и релевантно образование (Advancing Teacher Professionalism for Inclusive, Quality and relevant Education ATEPIE)
Проектот е финансиран од Програмата на Фондациите отворено општество за поддршка на образованието (ППО/ФОО). Преку регионален дијалог и меѓународна соработка на неколку конференции организирани од Центарот за образовни политики од Белград, наставниците имаа можност да разменат искуство и да го унапредат своето знаење. Во рамките на овој проект беше изготвена и публикацијата под наслов "НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА ЗА 21 ВЕК". Публикацијата претставува резултат на колаборативните напори на експерти од областа на образованието од Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија, поддржани од меѓународни експерти и проектниот тим на ЦОП.
На 15 мај 2013 година оваа публикација беше претставена на Филозофскиот факултет во Скопје, во рамките на манифестацијата „Денови на педагогија 2013“, која Институтот за педагогија секоја година традиционално ја организира по повод одбележувањето на Денот на просветителството - 24 Мај. Публикацијата ја престави проф. Д-р Зоран Велковски, кој беше и водител на тимот од Македонија во проектот и уредник на оваа публикација. Преку излагањето на професорот Зоран Велковски, присутните на овој настан - претставници од предучилишните установи, основните и средните училишта во Македонија, студенти и професори од педагошките факултети, имаа можност да се запознаат со целите и текот на проектот како и со содржината на публикацијата. Сите присутни добија ЦД со оваа публикација и беа информирани дека оваа публикација ќе биде достапна на веб страната на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор” Македонија.
Директорката на Фондацијата за образовни и културни иницијативи "Чекор по чекор", Сузана Киранџиска на работниот состанок оддржан на 22 мај 2013 им ја прeтстави публикацијата "НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА ЗА 21 ВЕК" на членовите на експертската група која работи на креирањето Каталог на наставнички компетенции во рамките на Проектот на УСАИД Професионален и кариерен развој. Проектот на УСАИД за Професионален и кариерен развој на наставниците го реализира Македонскиот центар за граѓанско образование, во соработка со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”- Македонија
Публикацијата "НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА ЗА 21 ВЕК" во издание на Центарот за образовни политики Белград, нуди насоки за изработка, адаптација или ревизија на националните документи кои се однесуваат на образованието и професионалното усовршување на наставниците. Во овие насоки се опфатени знаењето, квалитетот, посветеноста на човечките права и социјалната правда како и други вредности кои наставниците треба да ги имаат за да ги подготват своите ученици за живот во дваесет и првиот век. Публикацијата претставува сеопфатен регионален документ кој може да помогне да се премости јазот меѓу образовната политика и праксата.
Од овој линк можете да ја преземете целосната публикација во PDF верзија. Вашите коментари за публикацијата "НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА ЗА 21 ВЕК", можете да ни ги пратите на нашата ФБ страна или на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.