Оглас за Ангажирање експерти
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, го реализира Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија. Проектот „БИДИ ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ цели кон подобрување на можностите за образование на децата со попреченост и придонесува кон развитокот на инклузивен несегрегиран потсистем на основно образование, кој е отворен за сите и обезбедува висококвалитетна настава и осмислени можности за учење на сите ученици со попреченост, и на тој начин ја зајакнува нивната социјална и образовна инклузија. Тежнее кон целосен и еднаков пристап на децата со попреченост до редовните училишта и им на помага училиштата во подобрување на подготвеноста и капацитетите за осмислена инклузија преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците со најразлични образовни посебни потреби, вклучувајќи физичка, сетилна и интелектуална попреченост.
Проектот ќе ги поддржува и зајакнува активностите на Владата, граѓанското општество, засегнатите страни и донаторите преку:
- осмислување и спроведување на програма за стипендирање на ученици со попреченост во почетните одделенија на основното образование;
- спроведување кампањи за подигање на свеста и активности за промовирање на важноста на инклузивното образование и придобивките од инклузивните средини за учење;
- градење на капацитетите на наставниците и стручните служби за проактивна инклузија и прилагодена и диференцирана настава;
- подобрување на пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост;
- обезбедување туторска поддршка за ученици со попреченост вклучени во образовниот процес.
Фондацијата преку овој повик поканува пријави за вработување на следниве проектни позиции:
Позиција 1: Експерт за проценка и дијагностицирање на ученици со попреченост - кандидати за стипендии
Опис на ангажманот
- придонес во осмислување на процесот на аплицирање за стипендирање и/или туторство
- поддршка во процесот на разгледување на пријави за 300 стипендии (2020 г.) преку разгледување на медицинската документација на апликантите и давање мислење за исполнување на условите
- поддршка во процесот на разгледување на пријави за 150 стипендии (2021 г.) преку разгледување на медицинската документација на апликантите и давање мислење за исполнување на условите
- придонес кон процесот на рангирање на апликантите (2020 и 2021 г.)
- препораки во однос на барањата за редовност за избраните апликанти.
Времетраење на ангажманот
- 18 работни дена, од кои 12 во септември/октомври 2020 г. и 6 во август/септември 2021 г.
Место на извршување на ангажманот
- дома/канцеларија на Чекор по чекор за прегледување на документација
- канцеларија на Чекор по чекор за координација и избор на апликанти
Квалификации и искуство
- Високо образование во областите медицина или специјално образование
- сите повисоки степени или звања на полето на детската психијатрија или дијагностицирањето деца со попреченост се сметаат за предност
- најмалку 20 години искуство во работа со деца со попреченост, особено третман и дијагноза
- познавање и помината обука за примена на Класификацијата на функционирање, попреченост и здравје
- познавање на домашните политики на полето на лица со попреченост
- познавање на македонскиот образовен систем, организирање обуки на полето на инклузија на ученици со попреченост се смета за предност.
Позиција 2: Експерт за подготвување на Иницијална студија
Опис на ангажманот
Подготовка на иницијална студија за состојбите во образованието на ученици со попреченост, која ќе одговори на следиве прашања/задачи:
- генерал контекст на образованието на ученици со попреченост
- податоци за запишани ученици
- напредок во градење инклузивни училишта
- бариери кон инклузија
- препораки за спроведување на проектните задачи
- препораки за воспоставување барања од учениците со попреченост - проектни стипендисти во однос на редовност и постигања, врз основа на објективни педагошки, социјални и медицински параметри
- индикатори за следење на напредокот.
Времетраење на ангажманот
- 10 работни дена, во периодот септември-октомври 2020 г.
Место на извршување на ангажманот
- дома/канцеларија на Чекор по чекор
Квалификации и искуство
- Високо образование/прв циклус студии на полето на специјалното образование, втор и трет циклус се сметаат за предност
- најмалку 10 години искуство во истражувања поврзани со специјалното образование
- познавање на спецификите на инклузивното образование, односно учество во најмалку 3 проекти на полето на инклузија
- искуство во истражувачката работа, со најмалку 5 спроведени истражувања
- познавање на домашните политики на полето на лица со попреченост
- познавање на македонскиот образовен систем, организирање обуки на полето на инклузија на ученици со попреченост се смета за предност.
Позиција 3: Експерт за одржување на веб страница
Опис на ангажманот
Подготовка и редовно одржување на веб страницата на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, со што ќе се овозможи:
- претставување на проектот на пошироката јавност;
- презентирање навремени информации за тековни, спроведени и идни активности со сите проектни компоненти;
- презентирање на визуелно привлечен медиум за презентирање на информации, новости, повици за учество и придонес, интересни приказни, фотографии и видеа од активностите;
- поставување важни линкови до други иницијативи, партнери, засегнати страни и активности на Чекор по чекор, проектните партнери и различни извори на информации за процесот на градење инклузивен образовен систем и општество;
- поддршка во осмислувањето и спроведувањето на три кампањи за подигање на јавната свест за потребата и придобивките од инклузивно образование;
- јасно и видливо брендирање на донаторот/донаторите и придржување до правилата за видливост и комуникации поставени од Европската Унија.
Времетраење на ангажманот
- 35 месеци, октомври 2020 - август 2023 г.
Место на извршување на ангажманот
- дома/канцеларија на Чекор по чекор
Квалификации и искуство
- соодветно образование (прв циклус студии во областа ИКТ или сертфикати за завршени курсеви за веб дизајн во траење од најмалку 2 години)
- докажано искуство во дизајнирање веб страници (листа на клиенти односно дизајнирани веб страници).
Овој оглас е отворен за сите државјани на Р. С. Македонија. Фондацијата „Чекор по чекор“ не поддржува дискриминација по било која основа. Ги покануваме заинтересираните кандидати да достават ажурирана професионална биографија и изјава за интерес со посочување на позицијата за која се пријавуваат на следнава адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Крајниот рок за доставување на апликациите е 18.09.2020 г. до 16 часот.