Повик за ангажирање автор и илустратор на сликовница за правата на детето
Повик за ангажирање автор и илустратор за креирање литературна интерактивна сликовница за деца на тема правата на детето во рамки на проектот Децата на 1-во место!
I. Основни информации за организацијата
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' Македонија (Фондација „Чекор по чекор“) е основана во 2000 година со цел да ја продолжи воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор” во градинките и основните училишта во Република Македонија. Мисијата на Фондацијата „Чекор по чекор” е да изготвува, развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието и културата во современото општество како клучен фактор за образовен, културен, економски и социјален развој. Фондацијата „Чекор по чекор“ посветено работи на остварување на следниве стратешки приоритети: 1) подобрување на компетенциите на наставниците за реализирање современа наставна пракса, 2) подобрување на компетенциите кај децата за критичко размислување и самостојно учење; и 3) промовирање еднаков пристап до квалитетно образование за децата од ранливи групи.
II. За проектот
„Децата на 1-во место!“ е проект на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поддржи и промовира почитувањето на правата на детето како предуслов за демократски училишни заедници кои градат и негуваат активни и одговорни граѓани. Конкретните цели на проектот се: 1) Да се залага за заштита на правата на детето преку собирање и анализа на податоци од истражување; 2) Да се поддржи унапредувањето и заштитата на правата на детето во училиштата преку градење на капацитетите на учениците, наставниците и родителите и овозможување учеството на учениците во училишниот живот; и 3) Да се подигне јавната свест за правата на децата, заштитата и учеството преку јавна кампања. Проектот се спроведува во соработка со Народниот Правобранител и Министерството за образование и наука на РСМ.
III. Цел, обем и други карактеристики на сликовницата
Фондацијата „Чекор по чекор“ бара автор и илустратор за да креираат литературна интерактивна сликовница за деца со методичко-дидактички прилози изведени од приказната што ќе обработува тема за правата на детето за потребите на проектот Децата на 1-во место!
Сликовницата треба да има за цел да ги запознае читателите (децата од 6 до 8 години) со правата на детето преку приказна која на лесен и разбирлив јазик ќе обработи интересна случка, ќе го привлече вниманието и ќе го задржи интересот на децата.
Сликовницата исто така треба:
- Да демонстрира високи литературни и естетски квалитети во текстот, илустрациите и методичко-дидактичките прилози;
- Текстот на сликовницата треба да биде лесен за читање и разбирлив за деца на возраст од 6 до 8 години кој ќе им овозможи тие да разберат одредени емоции и искуства, да ги спојат визуелните елементи и зборовите, идеите и концептите за правата на детето;
- Да биде оригинално дело кое претходно не било објавено на друго место;
- Ракописот не смее да содржи материјал што прекршува туѓи права, кој е навредлив, непристоен, кој промовира дискриминација врз основа на раса, пол, религија, националност, попреченост, сексуална ориентација или возраст;
- Ракописот треба да резонира во мултикултурен контекст и да има креативен и илустративен пристап, да има повеќе карактеристични ликови со кои се среќаваат децата на возраст од 6 до 8 години;
- Да содржи илустрации кои треба да го следат текстот и да прикажуваат реални ситуации на опишаните ликови, односно да ја следат и надополнуваат приказната. Илустрациите можат да бидат поедноставени или детални, но важно е да го поттикнат интересот за содржината на приказната (заедно со целосниот текст/ракопис за сликовницата и останатите документи опишани подолу, треба да се поднесат најмалку 3 целосни илустрации);
- Да биде во обем од 24 до 32 страници и фонт на текстот 16;
- Да биде во формат 21 х 18 cm;
- Да содржи 10 (десет) методичко-дидактички прилози што произлегуваат од приказната и може да се печатат;
Фондацијата „Чекор по чекор“ ќе обезбеди лектура и ликовно-графичка подготовка на одбраната сликовница, како и превод и адаптација на други јазици на настава и на знаковен јазик. Нема ограничување на бројот на поднесени ракописи. Предвидено е сликовницата да биде достапна во електронска форма на веб страната на „Чекор по чекор“ на следниов линк: Библиотека (stepbystep.org.mk), каде што можат да се погледнат и примери на други сликовници.
IV Временска рамка: Крајниот рок за завршување на обврските ќе биде договорен во соработка со проектниот тим, но не подоцна од 30 октомври.
V Начин на пријавување
Заинтересираните кандидати треба да поднесат:
- Пополнета пријава со целосен буџет (достапна на веб страната на Фондацијата „Чекор по чекор“ www.stepbystep.org.mk)
- Кратка биографија на авторот/авторите и илустраторот со копии од дипломи за завршено образование;
- Предлог текст/ракопис за интерактивна сликовница;
- Предлог за 10 методичко-дидактички прилози што произлегуваат од приказната;
- Предлог за најмалку 3 илустрации кои ја следат приказната;
(предлог-ракописот и илустрациите можат да се поднесат електронски во PDF форма или во печатена форма кој ќе овозможи лесен преглед и селекција)
- Авторите со претходно искуство, треба да поднесат доказ за изработени детски сликовници и линк до истите доколку се достапни електронски, или копија од насловната страна каде се гледа името на авторот и илустраторот, заедно со останатата документација;
Важни назнаки:
Фондацијата „Чекор по чекор“ го задржува правото да не избере автор и илустратор на овој повик доколку процени дека поднесените понуди не ги задоволуваат очекувањата, превидените барања и стандарди. Фондацијата „Чекор по чекор“ исто така го задржува правото да избере само автор и/или само илустратор, како и да направи комбинација/спојување на автор и илустратор согласно направената проценка, по претходна согласност од авторот и илустраторот.
Фондацијата „Чекор по чекор“ како нарачател на сликовницата со потпишување на Договорот со авторот и илустраторот на избраната понуда ги добива авторските права, додека авторските и сите други права на одбиените ракописи остануваат на авторите и илустраторите. Фондацијата „Чекор по чекор“ нема право да ги репродуцира, модифицира, копира или да ги користи текстовите и илустрациите на поднесените ракописи кои нема да бидат прифатени во било кој обем и формат.
Овој оглас е отворен за сите државјани на Р. С. Македонија кои ги исполнуваат наведените услови. Фондацијата „Чекор по чекор“ не поддржува дискриминација по било која основа. Ги покануваме заинтересираните кандидати да ја достават целокупната документацијата најдоцна до 2ри октомври, 2023 г. (понеделник) до 15 ч. електронски на следните е-маил адреси: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. и Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или во печатена форма на адреса на Фондацијата:
Фондација „Чекор по чекор“,
Бул. Партизански одреди, бр. 72а - мезанин,
1000 Скопје
Фондацијата ќе им ги врати сите печатени материјали на одбиените кандидати по пошта или тие самите можат да ги подигнат од просториите на Фондацијата.