Официјално затворање на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“
На завршниот настан на 22 мај, во хотел Александар Палас во Скопје, Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ прослави пет успешни години во подобрувањето на раната писменост во Македонија. На настанот учествуваа претставникот на УСАИД во Македонија, Дејвид Атебери, заменик-министерот за образование и наука Арбер Адеми и претставници од образовните институции, наставничките факултети и основните училишта. Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ кој го спроведуваше од Фондацијата Чекор по чекор – Македонија, беше главен образовен проект на УСАИД наменет за унапредување на раната математичка и јазична писменост кој во партнерство со Министерството за образование и наука се прошири во сите основни училишта во Македонија.
На овој настан, корисниците на проектот имаа можност да видат дел од проектните активности како што беше читачката сесија предводена од актерот Гораст Цветковски со група првоодделенци од ОУ „Блаже Конески“ - Аеродром.
Во своето обраќање за време на настанот, претставникот на УСАИД во Македонија, Дејвид Атебери им честита на проектните партнери за нивната посветеност на континуираното зајакнување на читачките и математичките вештини кај најмладите ученици. „Знаеме дека промените во образовниот систем не се постигнуваат брзо, но благодарение на напорите на проектот „Со читање до лидерство“ се поставија темелите за значајно подобрување на квалитетот на образованието во Македонија,“ рече Атебери. „Завршувањето на овој проект не значи дека завршува и нашата работа. Останува многу да се направи за Македонија да може да обезбеди квалитетно образование за секое дете. Но, посветеноста, упорноста и ентузијазмот кој лично сум го посведочил на настаните на проектот, ми дава надеж дека вие знаете што треба да се промени за да се подобри квалитетот на образованието во Македонија и ќе продолжите да придонесувате кон таа цел.“
Раководителката на проектот, Сузана Киранџиска, ги потенцираше постигнувањата на проектот преку активностите како што беа инструментите за процена и стандардите и математичките и јазичните вештини кај учениците во Македонија.
Беа доделени и благодарници за институциите партнери во проектот - Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, како и наставничките факултети.
Ви благодариме на сите вам кои бевте дел од проектните активности во изминативе пет години!