Ајде да зборуваме за писменоста – Интервју со Мет Мури, автор, наставник и претприемач

16508484 10154802514369792 2252121201641369427 nМет Мури е автор на книгата „Што ако?...360“ (What If…?360) и основоположник на теоријата за учење базирано на љубопитство. Има повеќе од 10 години работно искуство како наставник по англиски јазик во 5 различни земји, на 3 континенти, вклучително и Македонија, како волонтер на Мировниот корпус, во државни училишта и на факултети. Сега работи како претприемач, координатор за иновации и професор за социјално претприемништво. Мет се труди да создаде подобар свет, свет во кој луѓето се стремат да наоѓаат решенија, а не само да се жалат за проблемите, каде луѓето истражуваат и прашуваат за да дојдат до решение. Тој смета дека љубопитноста е природен ресурс и извор на учење кој може да се претвори во енергија која е доволно силна не само да ја напојува нашата планета, туку и да ја води. Мет ја посети Македонија повторно во февруари оваа година за да ја промовира неговата книга „Што ако?...360“ во неколку училишта низ земјата, а нас веднаш нѐ заинтересира да дознаеме нешто повеќе за неговата работа и ставовите и вредностите кон образованието.

Мет, автор си на книгата „Што ако?...360“, книга која ги поттикнува децата да истражуваат и да го осознаваат светот низ неочекувани, апсурдни и провокативни прашања. Веќе ја презентиравте книгата низ неколку училишта во Македонија. Како реагираа на книгата наставниците и децата?
Наидовме на позитивни реакции и кај децата и кај наставниците. Децата најчесто се многу заинтересирани и возбудени да откријат повеќе. Ја користат методологијата „Што ако...?360“ за да истражуваат повеќе околу нови идеи и концепти и да ги пишуваат домашните задачи. Според тоа колку се забавуваа за време на активностите, а и врз основа на она што го споделија како резултат од нивната работа, мислам дека научија многу од ова искуство.
Што се однесува до наставниците, тие исто така беа љубопитни да научат повеќе за процесот и основата на истиот, додека други, пак, сакаа да научат како можат да го користат овој начин на подучување во училницата. Благодарение на социјалните мрежи останувам во контакт со учениците и наставниците со кои сум се запознал и сум работел од разни земји низ светов и едвај чекам да видам што имаат да споделат со мене откако ќе го применат ваквото учење.

Ја застапуваш теоријата на учење базирано на љубопитност. Кажи ни нешто повеќе за ова.
16649044 10154802514239792 2619693768553615700 nИдејата позади учењето базирано на љубопитност е дека целото учење, сите иновации, секој прогрес итн. започнува со љубопитност. Во рамки на образованието, љубопитноста може да се смета за почетна точка на учењето. Ако наставникот успее да ја разбуди љубопитноста кај своите ученици, тие можат да научат сѐ! И понатаму подучувањето ќе биде со јасни наставни цели, но овој начин дозволува учењето да се одвива „пооргански“ или поприродно. Љубопитноста е она што го придвижува нашето учење надвор од училницата. Зошто тогаш не би го придвижувало и учењето кое се одвива во училница?
Процесот на учење базирано на љубопитност се состои од 8 чекори и доколку наставникот го користи овој пристап ќе добие подобри и поефективни резултати, а истовремено учењето за децата ќе биде позабавно.
Во училиштата спроведувам два вида активности: посета на часови и активности за професионален развој на наставници. За време на посетите на часовите, учениците ги водам низ процесот на учење базирано на љубопитност. Работиме заедно со нив за да видиме како можат да ја ослободат својата природна љубопитност која ќе им дозволи да постигнат и научат сѐ што ќе наумат. За време на активностите за професионален развој, водам обуки за наставници и стручната служба од училиштата за да ги запознаам со методологијата и да им претставам активности и примери од час за да научат како да ја користат љубопитноста како почетна точка во учењето. Со тоа, не само што се подобруваат постигањата на учениците, туку и самите наставници повеќе ќе уживаат во својата професија и во процесот на подучување.

Што можат да направат наставниците и родителите за да ја „разбудат“ љубопитноста кај децата?

Веројатно најдобар и најлесен начин за тоа е постојано да им поставуваат прашања на децата. Гледајте на љубопитноста како пресек на нешто што нѐ зачудува или ни е мистерија и на нешто што сакаме да го научиме и осознаеме. Родителите и наставниците можат да прашуваат општи прашања од типот на: „За што си љубопитен/а? Што те интересира?“ или пак за конкретни работи, идеи, лекции, на пример: „Зошто те интересира токму ова?“.
Според тебе, дали материјалните ресурси и финансии се клучни и имаат директно влијание на постигањата на учениците?
Голем дел од приказната поврзана со мојата теорија за учењето засновано на љубопитност всушност започна кога работев како волонтер на Мировниот корпус во Кратово, Македонија. Додека бев таму предавав англиски јазик и сите ученици немаа еднаков пристап до ресурси. Оттаму знам дека може да се научи и постигне многу со ограничени или малку ресурси. Но, сум предавал и на други места и сум увидел како ресурсите (физички и финансиски) можат значително да помогнат за поефективно и позабавно учење. Всушност, според мене, многу поважно е како се користат достапните ресурси отколку колку ресурси имаме. Целта на мојата работа е на наставниците да им прикажам процеси за подучување со кои тие ќе ги остварат наставните цели вез разлика дали имаат или немаат ресурси.
16388298 10154782636909792 6674054371407530044 n

Ја организирате и Конференцијата „Што ако..?“. Која е идејата и темите кои се опфаќаат? Кои се говорници и публика на оваа конференција?
Оваа конференција е слична на конференцијата „ТЕД“, но со поголем фокус и вклучување на публиката. И понатаму сум вклучен во организирање на оваа конференција, но сега имам и активности како што се обуки за наставници, консултантнски услуги за биснис секторот, работам со претприемачи и спроведувам проекти кои придонесуваат за општествени промени. Делови од конференцијата можат да се погнеднат и на каналот YouTube.

Активен си и во областа на претприемништвото, особено социјалното претптриемништво и она кое се труди да воведе промени во образованието.
Освен што работам со училиштата, работам доста и со претприемачи од целиот свет, во места како Гана, Колумбија, Нигерија. Го користиме моделот на учење „Што ако..?360“ за да дојдеме до нови идеи за бизниси или начини за подобрување на постоечки бизниси. Им помагам на фирмите да станат и поиновативни во својата работа.
Процесот на учење „Што ако..?360“ помага во претприемништвото и иновациите заради тоа што не започнува со претпоставка. Ние не велиме „знаеме дека треба вака, па затоа следете нѐ..“. Процесот започнува со љубопитноста на сите вклучени. Понатаму, процесот е дизајниран на тој начин што ја користи емпатијата за да слушаме и да се обидеме да разбереме што е навистина потребно за да се реши некој проблем или да се направи некоја иновација. Процесот поттикнува соработка меѓу луѓето и не дозволува тие да дојдат до фаза на мотивираност и да ги остава да се прашуваат „и сега што?!“. На овој начин, тие продолжуваат да соработуваат и во иднина и тој процес на иновација и претприемништво станува одржлив.
Неодамна започнав соработка со иницијативите Digital Citizenship Institute и Belouga.org каде промовираме иновативни начини на кои наставниците можат да ја користат технологијата во училница.
Мисијата на платформата Belouga е да поврзе ученици од целиот свет за да научат нешто повеќе едни за други преку заеднички часови и проекти. Веруваме дека образованието, во комбинација со претприемничко размислување, е клучно во создавање генерации на одговорни граѓани. Belouga е 100% бесплатна платформа за дигитално учење. Училиштата од Македонија можат да ја користат со тоа што ќе организираат заеднички часови и он-лајн активности со други одделенија низ целиот свет. Со учеството во ваквите активности, учениците собираат поени. Потоа, со собрани доволен број поени, тие училишта можат да добијат одредени материјали или ресурси кои им се потребни во училиштето, како на пример: таблет компјутери, книги, смарт-табли итн.

Имаш работено како волонтер на Мировниот корпус во Македонија пред 18 години. Во што се состоеше твојот ангажман и што од тоа искуство ти остави најголем впечаток?
Најпрво дојдов во Македонија во 1999 год. како волонтер на Мировниот корпус. Првите 3 месеци ги поминав во Скопје каде интензивно учев македонски јазик, како и локалната култура и традиции. Потоа, отидов во Кратово каде работев како професор по англиски јазик во гимназијата „Митко Пенџуклиски“. Освен што подучував англиски, доста помагав и на локалната самоуправа и на бизнисите. Најдраги спомени ми се проектите кои ги спроведувавме заедно со моите ученици и каде ги комбиниравме часовите со претприемништво, па тие успеваа да собираат пари за патувања и експедиции низ државата.

Планови за во иднина? И дали имаш планови за уште активности во Македонија и регионот?
Планирам да продолжам да барам начини за повторно да се враќам во Македонија и да придонесувам за оваа земја и луѓето тука. Чувствувам како никогаш да нема да успеам потполно да возвратам за сѐ што луѓето тука имаат направено и што ми имаат дадено. Во моментов сум во потрага по издавач кој би бил заинтересиран да ја преведе и издаде книгата „Што ако..?“ на македонски јазик. Потоа, исто така би сакал да продолжам со активности во училиштата во Македонија, да посетувам одделенија и да работам со учениците, да спроведувам обуки за наставниците и да ја направиме Македонија „најљубопитна држава во светот“. Би сакал Македонија да добие светско признание за чудата и убавините кои ги има.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието