Ајде да го прославиме Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

imld 2001 posterСо поддршка од УНЕСКО, на 21 февруари секоја година се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со цел да се прослават повеќе од 6000 различни јазици кои се зборуваат во светот денес.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот. За да постигнеме одржлив развој, потребно е младите ученици да имаат можност да учат и да го негуваат својот мајчин јазик, но да учат и други јазици. Токму преку совладувањето на јазикот кој се говори дома, односно мајчиниот јазик, децата учат да читаат и пишуваат, а потоа ги надградуваат и сите останати знаења.
Учениците кои наставата ја следат на јазик различен од оној кој го зборуваат дома имаат дополнителен предизвик кога ќе тргнат на училиште. Во нашата држава тоа најчесто е случај со децата Роми кои учат на македонски или албански наставен јазик, а до пред тргнување на училиште дома говореле на мајчиниот ромски јазик. Затоа, со овие ученици потребно е дополнителна поддршка и работа при почетното описменување, како и повеќе ресурси и материјали за учење, со цел овие ученици да не заостануваат зад своите врсници.
Јазиците кои се зборуваат во една земја, а особено јазиците на малцинствата, пренесуваат култура, вредности и традиција и затоа играат огромна улога во создавање одржлив развој и иднина.

Идеи за одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со децата во училница или дома
  • Направете листа од сите јазици кои се говорат во училиштето/ локалната заедница/ државата. Не заборавајте да ги вклучите и јазиците кои се зборувале во минатото, а сега веќе не се употребуваат.
  • Изберете одреден збор, како на пример „добредојде“, „здраво“ или „пријателство“ и заедно со децата преведете го на што поголем број различни јазици. Поставете го на хамер на видно место, како на пример на влезот од училиштето.
  • Доколку во одделението имате ученик чиј мајчин јазик, односно јазик кој го говори дома, е различен од јазикот на наставата, организирајте активност или презентација за да го запознаете одделението со спецификите на тој јазик. Ученикот (заедно со родител) може да раскаже приказна или да сподели песна на својот мајчин јазик.DSC 0072
  • Заедно со учениците пребарувајте на интернет за да научите повеќе за видовите јазици кои се зборуваат низ светот. Поттикнете меѓу нив дискусија на прашања од типот: колку јазици се зборуваат во светот, кој јазик има најмногу, а кој најмлаку букви во азбуката, кои се најстарите јазици итн.
  • Поврзете се со одделение кои учи на различен наставен јазик од вас. Организирајте заеднички час или активност каде учениците ќе можат да ги споредуваат двата јазика и да дискутираат за нивните сличности и разлики.
  • Заедно со учениците и родителите изработете сликовница на еден или повеќе јазици. Користете ги насоките за изработка на сликовници понудени од страна на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.
  • Посетете ја нашата Дигитална библиотека за да ги симнете и читате сликовниците кои ги нудиме на македонски, албански и турски јазик.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието