Презентирани наодите од истражувањето за правата на децата во училиштата

Вчера беше  Светскиот ден на детето, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во партнерство со Народниот правобранител организираа јавен настан Правата на децата во нашите училишта на кој беа презентирани наодите од спроведено национално истражување во кое учествуваа преку 1600 ученици, наставници и родители за информираноста за Конвенцијата за правата на детето, ученичко учество и безбедноста во основните училишта во РСМ.

На настанот кој ја одбележа и 30 годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето на ОН во нашата земја, воведни обраќања имаа Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“ која се осврна на три децениската работа и заложба на Фондацијата за правото на квалитетно образование за сите деца во државата, додека Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник, се задржа на работата на Народниот правобранител. За истражувачките наоди, заклучоци и препораки зборуваа Елизабета Марковска Спасеноска, истражувачка, како и проектните менаџерки Сузана Пецаковска и Наташа Анѓелеска.

И покрај ставот дека правата на децата генерално се почитуваат во училиштата, истражувањето покажа дека повеќе од една третина од учениците (34,3 %) се соочиле со прекршување на некое право во своето училиште, а 33,6 % од учениците изјавиле дека знаат за прекршено детско право на некој соученик/ка или близок роднина. Според учениците, најчесто прекршувано право е правото на донесување одлуки, правото на децата да кажат што мислат и правото за заштита од насилство. Само половината од учениците (57% ) изјавиле дека во нивното училиште редовно се избира ученички парламент, 28% дека не се информирани околу изборот на ученички парламент, додека 60% изјавиле дека во нивното училиште нема, или не знаат дали има ученички правобранител. 43 % од учениците, 37% од родителите и 32% од наставниците потврдија дека постои насилство во училиштата, а 46 % од учениците изјавиле дека биле жртви на насилство. Според учениците, дете што најчесто е изложено на насилство е повлечено/интровертно дете, дете што потекнува од сиромашно семејство, па дете со попреченост. Доминантен профил на сторители на насилство се децата од богато семејство, додека, пак, според наставниците и родителите, тоа се хиперактивните деца. Повеќе од една третина од учениците (37,2 %) сметаат дека одговорните служби во училиштето не реагираат целосно соодветно и навремено на случаите на насилство. Истражувањето даде и препораки за подобрување на политиките кои ги афектираат децата.

СИТЕ ПРАВА ЗА СИТЕ ДЕЦА!

Истражувањето се спроведе во рамки на проектот Децата на 1-во место! финансиран од ЕУ.

PARTNERS

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Биро за развој на образованието