Стручен став за вработените во раниот детски развој и предучилишното образование, воспитание и згрижување во врска со COVID-19:
ПЕТ ПРИОРИТЕТНИ ЧЕКОРИ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ, ПОДДРЖИ И ЗАЈАКНЕ КАДАРОТ ВО РАНИОТ ДЕТСКИ РАЗВОЈ И ПРЕДУЧИЛИШНОТО ОБРАЗОВАНИЕ, ВОСПИТАНИЕ И ЗГРИЖУВАЊЕ
Пандемијата COVID-19 негативно влијае врз состојбата на децата на рана возраст и нивните семејства ширум светот и ќе остави долготрајни последици по нивното здравје, исхрана, безбедност и можности за образование. Уницеф проценува дека кризата ќе додаде меѓу 42 и 66 нови милиони деца кон оние 386 милиони кои во 2019 г. веќе страдаа од сиромаштија. Ублажување на ризиците од пандемијата и унапредување на суштинската грижа за децата на рана возраст денес и по кризата може да се оствари само ако им посветиме внимание на вработените во РДР/ПОВЗ – на оние кои најдиректно се грижат, ги едуцираат и воспитуваат децата на рана возраст или им помагаат на нивните семејства.
Иницијативата за јакнење на работната сила во РДР/ПОВЗ (Early Childhood Workforce Initiative) посветено работи на обезбедување поддршка на вработените во здравството, образованието и социјалната и детската заштита ширум светот за да можат да ги извршуваат своите обврски кои се од суштинска важност за децата и семејства и за да бидат подготвени да ја продолжат својата работа штом пандемијата ќе се стави под контрола и ќе се олеснат ограничувањата. Отсуството на неопходна поддршка за вработените во РДР/ПОВЗ претставува ризик не само за нивното здравје, безбедност и економска благосостојба, туку го доверува под прашање и импресивниот напредок во зголемувањето на опфатот и подобрувањето на квалитетот на ПОВЗ постигнат во последниве години.
Во согласност со начелата зацртани од Мрежата за акција во РДР (Early Childhood Development Action Network) и Меѓународната работна група за наставници за образование 2030 (International Task Force for Teachers for Education 2030), владите, граѓанските организации и донаторите мораат да ги преземат следниве пет клучни активности со кои ќе ја поддржат работната сила во РДР/ПОВЗ за да се обезбеди континуитет и квалитет во заштитата, згрижувањето, образованието и воспитанието:
- Да се стави приоритет на здравјето, безбедноста и психосоцијалната благосостојба. Голем број вработени секој ден си го ризикуваат животот за да им пружат основни услуги на децата и семејства. За да се намали нивната изложеност на вирусот, важно е да се ограничат нивните обврски на она што е најесенцијално и да се организираат алтернативни работни услови, како на пример секаде каде што е возможно да работа на далечина. Клучниот персонал, меѓу кој спаѓаат здравствените работници, и воспитувачите и негувателите кои ги згрижуваат децата на работниците во итните служби, треба да ги следи службените упатства на СЗО и други тела за спречување на ширењето на инфекцијата (на пр. ограничување на бројот на деца во групата, правилно миење раце) и да му се обезбеди доволно заштитна опрема. Покрај ова, надлежните треба да обезбеди информации и поддршка за да се намали стресот со кој вработените се соочуваат на работното место, како и помош од експерти за ментално здравје секогаш кога тоа ќе се покаже потребно.
- Да се подобрат обуката и насоките. Пандемијата ја промени природата на функционирањето на голем број предучилишни програми и потребни се нови сознанија и начини на работа. Од голем број воспитувачи се бара за прв пат да го променат начинот на работа и да организираат и спроведат учење на далечина. Јавните здравствени работници кои директно работат со загрозените се соочуваат со нови закани, а им недостасуваат информации, совети и насоки како да си ја вршат работата. Вработените кои вршат домашни посети се соочуваат со сериозни проблеми во континуираното пружање услуги во време кога на семејствата им е најпотребна нивната поддршка. Социјалните работници се плашат дека децата се под зголемен ризик од злоставување и негрижа кога градинките не работат, и имаат потреба од ресурси кои ќе им помогнат при намалување на ваквите ризици. Постои огромна потреба за обука и насоки преку онлајн платформи или други алатки за учење на далечина, како и подобар пристап до технологија, за вработените да можат да го прилагодат своето работење кон барањата за социјално дистанцирање и подобро да се подготват за реагирање на кризни состојби во иднина.
- Да се заштитат работните места и платите. И покрај важната работа која ја вршат, голем дел од вработените во РДР/ПОВЗ добиваат недоволна финансиска компензација и се соочуваат со неповолни работни услови, што само ќе се влоши со можни понатамошни намалувања на платите поради затворање на програми и установи а со тоа и загуба на приходи. Континуитет во платите, заштита на работните места и пристап до здравствена грижа и социјална заштита се нужни за вработените да можат да продолжат да ги задоволуваат сопствените секојдневни потреби и да им пружаат услуги на децата на рана возраст и семејствата и денес но и откако ќе се ублажи кризата. Доколку е возможно, треба да се разгледаат можности за додатоци или бонуси за отежнати работни услови или дополнителен платен одмор.
- Да се почитува и цени работата на оние кои директно работат со загрозените. Оваа криза ја покажа важноста на работната сила во РДР/ПОВЗ за благосостојбата на децата и семејствата. Вработените се клучен фактор во спасувањето животи, справувањето со неухранетост, заштитата на децата од насилство, воспитувањето и образованието на децата на рана возраст, и овозможувањето родителите да се (вратат) на работа и да ја обноват економијата. Благодарените на воспоставените односи и интеракции, тие се најзапознаени со потребите на поединечните семејства и можат да мобилизираат локални мрежи за поддршка ширум сите сектори. Треба да го слушнеме гласот на оние кои директно работат за да можеме да ги сфатиме предизвиците со кои секојдневно се соочуваат во работата со децата на рана возраст и нивните семејства и успесите кои ги постигаат. Ова е вистински момент да го слушнеме гласот на вработените во РДР/ПОВЗ и да ги вклучиме во изнаоѓање на решенија за предизвиците со кои се соочуваме за време на оваа пандемија, и да се погрижиме тие да ги поседуваат сите потребни сознанија и вештини и да добијат соодветна поддршка за да можат да ги пружат бараните услуги и интервенции.
- Да се унапреди рамноправноста. Пандемијата веројатно ќе ги зголеми предизвиците со кои се соочуваат оние кои работат во оддалечени средини, во сиромашни и малцински заедници или во неформалната економија. Потребно е извојување на поголеми средства за да се намали ризикот од порастот на нееднаквоста. Вработените во РДР/ПОВЗ – како дел од пошироката „работна сила во областа на обезбедување грижа, нега, воспитание и образование“ се доминантно жени, и често мораат и самите да воспоставуваат рамнотежа меѓу работата и домашните обврски. Во ова време на зголемен стрес и економска несигурност за голем дел од вработените во РДР/ПОВЗ, особено е важно да се намалат ризиците и да се насочат ресурсите кон најранливиот персонал и оние на кои тие им помагаат.
Кризата предизвикана од COVID-19 ни покажа колку се важни вработените во РДР и ПОВЗ, не само заради децата на рана возраст и нивните семејства, туку и заради развојот на силна економија. Треба да им оддадеме признание и да ги поддржиме напорите за намалување на ризиците со кои се соочуваат за да ги заштитиме сега и во иднина. Како глобална, мултисекторска акција, Иницијативата за јакнење на работната сила во РДР/ПОВЗ креира нови сознанија и им помага на носителите на политики со алатки и ресурси наменети за поддршка и развој на квалитетна работната сила во РДР/ПОВЗ. Како одговор на кризата, Иницијативата во соработка со партнерите развива ресурси и спроведува анализи кои ќе ги збогатат процесите на носење политики и развивање програми со информации и докази, ќе ги поддржат процесите на застапување и ќе им дадат глас на оние кои директно работат со децата и семејствата, и ќе поддржат колаборативно учење меѓу носителите на политики и практичарите, со цел заеднички одговор на досега невидените предизвици со кои се соочуваат. Да се сочува и заштити работната сила во РДР/ПОВЗ е од суштинска важност ако сакаме да обезбедиме здрав холистички развој на сите децата во најразличните услови во кои живеат и растат.
За повеќе информации видете на http://earlychildhoodworkforce.org/sites/default/files/resources/The%20Early%20Childhood%20Workforce%20Initiative_Flyer.pdf
Иницијативата за јакнење на работната сила во РДР/ПОВЗ ја водат Results for Development и ISSA
и ја поддржуваат:
Bernard van Leer Foundation
Open Society Foundations
Copyright © 2020 ISSA - International Step by Step Association, All rights reserved.
Можете да не контактирате на:
ISSA - International Step by Step Association
Kinderrechtenhuis / Child Rights Home
Hooglandse Kerkgracht 17-R
Leiden, 2312HS
Netherlands