СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ: Сите заедно до училишта без насилство и училишна клима која ги почитува правата на децата

Денес во хотелот Александар Палас во Скопје, Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во партнерство со Народниот правобранител Насер Зибери и двата проекти за правата на детето финансирани од Европската унија  (проектот Децата на 1-во место! на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и проектот Место за растење-општини посветени на децата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и на Центарот за семејна и грижа за децата КМОП Скопје) се одржа конференција за промовирање на правата на детето на демократско учество и вклученост.

Во своето воведно излагање, Амбасадорот Гир потенцираше дека поддршката на ЕУ на овие два проекти во државата создава простор за правата на детето.

Во панел дискусијата, Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“  зборуваше за училишта без насилство преку градење капацитети и промоција на правата на детето. Таа истакна дека „насилството претставува сериозен и комплексен проблем не само во училиштата туку и во разни сегменти од општеството. Децата во училиштето, но и надвор од него, се вознемирувани и напаѓани од страна на нивните врсници, а тоа често се минимизира или игнорира и одговорноста се префрла на некој друг. Наша обврска е да работиме на идентификување на корените на проблемот и на  превенција наместо на лечење на последиците преку вклучување и соработка помеѓу сите институции, преку обуки за сите засегнати страни и кревање на јавната свест за овие појави бидејќи насилството влијае сериозно на менталното здравје на учениците и има далекусежни последици, вклучително и негативно влијание врз нивните образовни постигања и нивната добросостојба. Доколку сакаме да имаме училишта без насилство, треба да имаме и општество без насилство. Треба сите заедно, и родителите и наставниците и оние кои ја водат државата со свој пример да им покажеме на децата дека почитуваме некои заеднички вредности, како чесност, правичност, емпатија, почитување на разликите на ниво на целото општество. Но доколку имаме институции кои толерираат и премолчуваат неправди, насилство и говор на омраза, тешко дека во нашите училишта ќе можеме да создадеме средина која стимулира и атмосфера која промовира толеранција, почит и поддршка. Ова е тешко дури и со најдобрите намери и настојувања на оние кои сакаат да имаме училишта каде децата ќе можат да ги развиваат своите потенцијали и да бидат безбедни и среќни. Крајно време е сериозно да се запрашаме што прави секој од нас за да бидат децата среќни и исполнети.“

„Ме радува што ДЕУ го препозна образованието како приоритетна област и нашиот проект како иницијатива која може да донесе позитивни промени и да го поддржи создавањето училишна култура за почитување на правата на децата. Ние цврсто веруваме дека училиштата се природните средини каде што децата од мали нозе треба да научат што е демократија, а тоа ќе го научат само ако ја преименуваат во секојдневната пракса во училиштата, ако се прашани за работите што ги засегаат и ако учествуваат во одлучувањето. Правото на свое мислење, правото на учество и одлучување, но и правото на безбеден живот  се само дел од правата на кои ќе работи проектот. Правото на учество е основа за активно граѓанство“- рече Киранџиска.

Децата на 1-во место! е тригодишен проект на Фондацијата „Чекор по чекор“ финансиран од ЕУ кој ќе спроведе национално истражување за правата на детето, насилството меѓу учениците и ученичкото учество. Проектот ќе обезбеди обука за учениците, за наставниците и за родителите за Конвенцијата за правата на детето на ОН (КПД), за ученичко учество, за безбедноста и онлајн насилството, а ќе биде организирана и  Летна школа за правата на детето за ученици и наставници. Ќе се изготви  прирачник за наставници за КПД, детска заштита и превенција од насилство, како и сликовница за детските права за децата во првите одделенија достапна на македонски, албански, турски, српски, босански, ромски и знаковен јазик. Ќе се обезбеди менторска и финансиска поддршка на мали ученички проекти за практикување на детските права и ученичкото учество во 5 основни училишта како дел од планот на активности на Ученичкиот Парламент и Ученичкиот правобранител.

КОНТАКТ ИНФО:

Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“

Бул. „Партизански одреди“ бр.72-а мезанин, 1000 Скопје

Тел/Факс: +389 2 3077 900 www.stepbystep.org.mk

 

PARTNERËT

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Биро за развој на образованието