Повик за ангажирање автор и илустратор за креирање сликовница за деца на тема детски права во рамки на проектот „Децата на 1-во место!“

I. Основни информации за организацијата
Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' Македонија (Фондација „Чекор по чекор“) е основана во 2000 година со цел да ја продолжи воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор” во градинките и основните училишта во Република Македонија. Мисијата на Фондацијата „Чекор по чекор”   е да изготвува, развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието и културата во современото општество како клучен фактор за образовен, културен, економски и социјален развој. Фондацијата „Чекор по чекор“ посветено работи на остварување на следниве стратешки приоритети: 1) подобрување на компетенциите на наставниците за реализирање современа наставна пракса, 2) подобрување на компетенциите кај децата за критичко размислување и самостојно учење; и 3) промовирање  еднаков пристап до квалитетно образование за децата од ранливи групи.

II. За проектот
„Децата на 1-во место!“ е проект на  Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поддржи и промовира почитувањето на правата на детето како предуслов за демократски училишни заедници кои градат и негуваат активни и одговорни граѓани. Конкретните цели на проектот се: 1) Да се ​​залага за заштита на правата на детето преку собирање и анализа на податоци од истражување; 2) Да се ​​поддржи унапредувањето и заштитата на правата на детето во училиштата преку градење на капацитетите на учениците, наставниците и родителите и овозможување учеството на учениците во училишниот живот; и 3) Да се ​​подигне јавната свест за правата на децата, заштитата и учеството преку јавна кампања. Проектот се спроведува во соработка со Народниот Правобранител и Министерството за образование и наука на РСМ.

III. Опис и обем на ангажманот
Фондацијата „Чекор по чекор“ бара автор и илустратор за да креираат сликовница за деца што ќе обработува тема за детски права за потребите на проектот Децата на 1-во место!. Сликовницата има за цел да ги запознае читателите со детските права преку приказна која на лесен и разбирлив јазик ќе обработи интересна случка, ќе го привлече вниманието и ќе го задржи интересот на децата. Сликовницата треба да им помогне на децата да разберат одредени емоции и искуства,  да ги спојат визуелните елементи и зборовите, идеите и концептите. Сликовницата ќе биде достапна на македонски, албански, турски, босански, српски и ромски јазик, а ќе биде адаптирана и на знаковен јазик.

Текстот на сликовницата треба да биде лесен за читање, разбирлив за возраста на децата (5-7 години) и да содржи приказна која обработува детски права. Сликовницата треба да биде во обем од 24 до 32 страни (може да се погледнат примери на сликовници на веб страната на Чекор по чекор на следниов линк: Библиотека (stepbystep.org.mk).

Поднесениот текст / ракопис за приказна треба да биде оригинално дело кое претходно не било објавено на друго место. Ракописот не смее да содржи материјал што прекршува туѓи права, кој е навредлив, непристоен, кој промовира дискриминација врз основа на раса, пол, религија, националност, попреченост, сексуална ориентација или возраст. Ракописот треба да резонира во мултикултурен контекст и да има креативен и илустративен пристап, да има повеќе карактеристични ликови со кои се среќаваат децата на возраст од 5 до 7 години.

Илустрациите за сликовницата треба да го следат текстот и да имаат реалистично прикажување на опишаните ликови и ситуации, односно да ја следат и надополнуваат  приказната. Илустрациите можат да бидат поедноставени или детални, но важно е да го поттикнат интересот за содржината на приказната. Илустраторот ќе биде одговорен за целосно техничко уредување на текстот и илустрациите. Илустраторот треба да прави техничка адаптација на сликовницата на 6 јазици.

IV Временска рамка: Крајниот рок за завршување на обврските ќе биде договорен во соработка со проектниот тим, но не подоцна од 20 септември.  

V Начин на пријавување:
Заинтересираните кандидати треба да поднесат:

  • Кратка биографија и копија од диплома за завршено образование;
  • Предлог текст/ракопис за сликовницата;
  • Предлог илустрации врз основа на приказната;

(предлог-ракописот и илустрациите можат да се поднесат електронски или во печатена форма на начин и во формат кој ќе овозможи лесен преглед и селекција).

  • Авторите со претходно искуство, треба да поднесат доказ за изработени сликовници за деца и линк до истите доколку се достапни електронски, или примерок од сликовницата/сликовниците, заедно со останатата документација;
  • Предлог буџет со финансиска пресметка за поднесениот ракопис и илустрации во кој треба да се вкалкулирани трошоците за персонален данок;


Важни назнаки:
Фондацијата „Чекор по чекор“ го задржува правото да не избере автор и илустратор на овој повик доколку процени дека поднесените понуди не ги задоволуваат очекувањата, превидените барања и стандарди. Фондацијата „Чекор по чекор“ исто така го задржува правото да избере само автор и/или само илустратор, како и да направи комбинација/спојување на автор и илустратор согласно направената проценка, по претходна согласност од авторот и илустраторот.

По одобрување на финалниот изглед на сликовницата, избраниот илустратор во соработка со проектниот тим треба да направи адаптација и техничко уредување на сликовницата на сите јазици на кои ќе биде преведена, најдоцна 5 дена по добивање на текстот на различните јазици. Трошоците врзани за преводот на албански, турски, српски, босански, ромски јазик како и толкувањето на знаковен јазик ќе бидат покриени од страна на Фондацијата „Чекор по чекор“.

Фондацијата „Чекор по чекор“ како нарачател на сликовницата со потпишување на Договорот со авторот  и илустраторот на избраната понуда ги добива авторските права, додека авторските и сите други права на одбиените ракописи остануваат на авторите и илустраторите. Фондацијата „Чекор по чекор“ нема право да ги репродуцира, модифицира, копира или да ги користи текстовите и илустрациите на поднесените ракописи кои нема да бидат прифатени во било кој обем и формат.

Овој оглас е отворен за сите државјани на Р. С. Македонија кои ги исполнуваат наведените услови. Фондацијата „Чекор по чекор“ не поддржува дискриминација по било која основа. Ги покануваме заинтересираните кандидати да ги достават предлог-ракописите и илустрациите најдоцна до 21ви август, 2023 г. до 12 ч. електронски со споделен линк до документите на следните е-маил адреси: Questo indirizzo email è protetto dagli spambots. E' necessario abilitare JavaScript per vederlo. и Questo indirizzo email è protetto dagli spambots. E' necessario abilitare JavaScript per vederlo. или во печатена форма на адреса на Фондацијата:

Фондација „Чекор по чекор“,
Бул. Партизански одреди, бр. 72а - мезанин,
1000 Скопје

Фондацијата ќе им ги врати сите печатени материјали на одбиените кандидати по пошта или тие самите можат да ги подигнат од просториите на Фондацијата.  

PARTNERËT

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Биро за развој на образованието