Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор" - Македонија го поддржува развојот на отвореното општество реализирајќи активности во областа на образованието, уметноста, културата, издаваштвото, како и човековите (детските) права и граѓанското општество. Фондацијата води, координира, учествува и директно спроведува активности кои промовираат иновации, напредок и развој на работата во предучилишните установи и основните училишта во Република Македонија.

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' – Македонија е основана како невладина организација со цел да се продолжи со активностите на регионалната образовна програма „Чекор по чекор'', која започна да се реализира во 1994 година од страна на Институтот Отворено општество од Њујорк и Универзитетот „Џорџтаун'' од Вашингтон.

Фондацијата „Чекор по чекор'' – Македонија е дел од Интернационалната асоцијација „Чекор по чекор"/ International Step By Step Association (ISSA) и со своето дејствување целосно ги поддржува и следи меѓународните принципи на ISSA за остварување на квалитетна педагошка пракса:

  1. Интеракција исполнета со разбирање и почит помеѓу возрасните и децата, како и во меѓусебните односи на децата;
  2. Вклучување на семејството и заедницата во образованието на децата;
  3. Инклузија, почитување на разликите и на вредностите на демократијата за секое дете и неговото семејство;
  4. Проценка и планирање за квалитетен наставен процес;
  5. Стратегии и техники на подучување кои поттикнуваат љубопитност, истражување, критичко мислење и соработка;
  6. Создавање на безбедна и креативна средина за учење;
  7. Постојан професионален и личен развој на наставниците.

Мисија

Мисијата на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор'' – Македонија е да изготвува, развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието и културата во современото општество како клучен фактор за образовен, културен, економски и социјален развој. Фондацијата „Чекор по чекор'' спроведува програми во градинките, основните училишта и другите образовни и културни институции, поддржува иновативни пристапи и на разни начини се стреми да ги зголеми можностите за образование на децата и да им помогне да го остварат својот целосен потенцијал.

Стратешки цели

  • Поттикнување на демократските процеси во образованието на децата, младите и возрасните;
  • Градење партнерски односи со владините институции, локалните власти, локалните и меѓународни организации, институциите одговорни за образување на иден наставен кадар, училиштата и градинките;
  • Промовирање и поддржување современи образовни иницијативи насочени кон потребите на децата;
  • Застапување за постојан професионален развој на просветните работници;
  • Зајакнување на јавната свест за потребите на децата Роми и децата од останатите малцински групи, деца од социо-економски загрозени семејства, деца од оддалечени рурални области и деца со посебни потреби;
  • Издавање прирачници за професионален развој на наставници, сликовници за деца и други едукативни и промотивни материјали;
  • Поттикнување на семејствата и локалната заедница за вклучување во процесот на образование на децата;
  • Создавање различни можности за креативно изразување на децата.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo