Специфична цел 1

Подобар пристап на лицата со пречки до услуги и вклученост во животот во заедницата преку: подобрување на капацитетите на локалните власти и граѓанскиот сектор за колаборативно обезбедување на податоци за состојбата на лицата со попреченост и нивните семејства; зајакнување на локалните установи (училишта, центри за социјална работа и центри за вработување) со цел обезбедување на инклузивен пристап кон образовни и други услуги во заедницата; и оснажување на граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост за учество во локалните процеси на донесување одлуки.

ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ

Воспоставување локални проектни партнерства во 6 општини

Во текот на месец септември, тимот на проектот потпиша меморандум за соработка со градоначалниците од 6те проектни општини (Општина Тетово, Општина Гостивар, Општина Карпош, Општина Куманово, Општина Струмица и Општина Велес) и со директорите во проектните основни и средни училишта.

 

Градење капацитети на граѓанскиот сектор и локалните власти за планирање, собирање податоци и мониторинг и евалуација во однос на состојбата на лицата со попреченост со цел развивање на инклузивни локални заедници

Во декември 2018 беше реализирана тродневна обука за претставници од локалните самоуправи и граѓанските организации, кои имаа можност да учествуваат на обука за заедничко создавање на поинклузивна заедница и заедничко планирање на активностите кои го подразбираат подобрувањето на животот на лицата со попреченост во општината. На обуката која  ја реализираа Васка Драшковиќ и Милица Трпевска, се зборуваше за начини кои треба да им помогнат на претставниците од невладините организации и општината да собираат/пристапат до податоци, да оценуваат состојби и заеднички да планираат активности кои би ја подобриле инклузијата во општината и квалитетот на животот на лицата со попреченост. Темите на обуката беа: вредности, ставови, стереотипи и предрасуди; собирање и пристап до податоци; пристапност; инклузивни здравствени услуги; инклузивни социјални услуги и пазар на труд; инклузивно образование; инклузивност во забавата, рекреација и медиуми и инклузивно партнерство со граѓанскиот сектор – инклузивно локално управување.

 

Градење инклузивни средини за учење во 12 основни училишта и подигање на свеста за правото на не-сегрегирано образование

Во периодот од ноември 2018 до мај 2019, беше организиран циклус од три обуки за членовите на стручните служби и училишните инклузивни тимови во основните училишта, партнери на Проектот. Обуките имаа можност да ги следат и претставници од  средните училишта, невладините организации и општините. Теми на обуките беа:

  • Запознавање со меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) и индивидуален пристап во наставата според потешкотиите во учењето,
  • Диференцирање на учењето и наставната програма според различните интереси и способности на учениците, и
  • Диференцирано учење и следење на успехот на учениците со попреченост според ИОП.

Обуките ги испорачаа д-р Мери Бошковска, д-р Ангелка Кескинова и специјалниот едукатор и рехабилитатор Емилија Мијалова. Прашањата што беа покриени на овие обуки беа: запознавање со МКФ, разлика помеѓу медицинскиот и социјалниот модел во третирањето на попреченоста во образовниот систем, надминување на бариерите кон инклузивното образование во државата, планирање на воспитно образовната работа во инклузивна училница,  диференцијација на учењето и поучувањето, изготвување индивидуален образовен план, улогата на инклузивниот тим во поддршка на учениците со попреченост и нивните семејства, начини  за следење и евалуирање на  она што го совладале и научиле учениците со потешкотии и попреченост.. Исто така, беа претставени оние попречености кои најчесто се јавуваат кај децата кои се инклузирани во редовните училишта, како и алатките, техниките и специфичните инструменти кои се потребни за да се прилагоди процесот на учење,  за да можат тие ученици да ги остварат своите целосни потенцијали.

 

Развивање „Модел на Инклузивна општина“

Моделот на инклузивна општина содржи инструменти за самопроценка, развиени со цел да им помогнат на општините и другите засегнати локални установи, групи и поединци да ја измерат инклузивноста на својата заедница во следниве подрачја од интерес:

  1. Пристап до податоци - предуслов за инклузивни политики и услуги;
  2. Пристапни заедници - рушење на бариерите за инклузија (јавни простори, услуги, градби, домување, превоз, информации, комуникација);
  3. Инклузивно образование - охрабрување на децата и младите да учат и да се развиваат;
  4. Инклузивен пазар на трудот и инклузивни социјални услуги - поплочување на патот кон рамноправно општество;
  5. Инклузивни здравствени услуги - Здраво население за здрава општина;
  6. Инклузивна рекреација, спорт, култура, забава и медиуми - придонес кон социјалната кохезија;
  7. Инклузивни процеси и инклузивни политики - подобрување на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество.

Инструментите во секое од овие подрачја се составени од тематски листи за самопроценка, со кои локалните власти ќе можат да ги препознаат своите успешни практики и да ги утврдат областите во кои се потребни интервенции за подобрување. Покрај инструментот наменет за локалните власти, како дел од овој документ е даден и инструмент кој се однесува на државни политики и иницијативи, кои иако не се во надлежност на локалната самоуправа, имаат големо влијание врз локалните политики и практики, работата на установите и достапноста на информации и финансиски средства.

Заедно со Моделот на инклузивна општина, листите за самопроценка се моќна алатка креирана да го олесни процесот на промени во заедницата со крајна цел таа да стане попристапна и поинклузивна за сите. Документот „Модел на инклузивна општина“ може да го преземете овде.

Спроведување на инклузивни активности во 6 општини преку мали грантови

Дел од планираните проектни активности во Проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“ беше и доделувањето грантови за имплементирање на идеите развиени во партнерствата меѓу невладините организации и проектните општини. Претставниците на општините и невладините организации заеднички ги детектираа потребите за инклузија на ниво на нивните општини и направија план за реализација на потребните активности. Како дел од проектот се доделија седум грантови за следниве локални потреби за инклузија:

Општина Карпош: Целосно е опремена сензорна соба во ОУ „Вера Циривири - Трена“ со дидкатички материјали и опрема како и со мноштво литература соодветна за работа со ученици со попречност;

Општина Тетово: Реализирани се спортски активности за учениците со попреченост и набавени се спортски реквизити за проектните училишта;

Општина Велес: Набавени се дидактички материјали за успешно реализирање на инклузивното образование во општинските основни училишта и детската градинка „Димче Мирчев“;

Oпштина Гостивар: Направена е адаптација на училишен тоалет во ОСТУ „Гостивар“, за да биде пристапен за учениците со телесна попреченост и учениците со ограничена мобилност.

Општина Куманово: Изградено е детско игралиште со наменски справи кои може да ги користат деца со и деца без попреченост;

Општина Струмица: Набавени се образовни и дидактички материјали за успешно реализирање на инклузивното образование во општинските основни и средни училишта.

 

Споделување добри инклузивни практики и презентација на моделот на инклузивна општина

Во месец ноември и декември 2019г. беа организирани шест регионални настани на кои беа споделени позитивните искуства од проектните активности реализирани во нашите партнер општини. На настанот беа пренесени искуствата стекнати низ процесот на градење на капацитетите на локалните невладини организации и нивните инклузивни активности, спроведени во соработка со локалните училишта и општинските власти. Настаните беа проследени од претставници на централната и локалната власт, на основните и средните училишта, на центрите за вработување и граѓанските организации. На регионалните средби беше претставен и „Моделот на инклузивна општина“,  што може да го погледнете овде.

Овие регионални настани беа искористени да се поттикне дискусија за подобрување на соработката меѓу општините, училиштата, граѓанскиот сектор и другите засегнати страни во врска со инклузија на лицата со попреченост, зајакнување на капацитетите на сите чинители за заедничко планирање и спроведување на локални инклузивни активности, спроведување активности со кои може да се подобри пристапот на лицата со попреченост до определени услуги и како да се поттикнат други локални и владини институции да се вклучат во развивање локални инклузивни акциски планови, со цел да се овозможи холистички пристап во решавање на прашањето со инклузијата и да се овозможи вистинско заживување на „Моделот на инклузивна општина“.

Како дополнување на овие настани беше одржана и конструктивна консултација со работодавачи и други засегнати страни на тема подобрување на вработувањето на лицата со попреченост. На средбата, на која учествуваа претставници на стопанските комори, ЗАПОВИМ, Министерството за труд и социјална политика, Делегацијата на Европската Унија, граѓанскиот сектор, високото образование и други експерти и обучувачи, се презентираше Моделот на инклузивна општина и колаборативниот процес на негово создавање, како и резултатите од проектните активности за едукација на млади со попреченост за подготовка за вработување и за градење капацитети кај институциите за кариерно советување. Во дискусијата која следуваше беа разгледани пречките и потешкотиите со кои се соочуваат лицата со попреченост во нивните напори за инклузија на пазарот на труд.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието