„Сакам да...“ – он-лајн иницијатива за важноста од еднаков пристап до образование за Ромите

campaign posterПроектот за зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите во периодот од мај до јуни 2017 година спроведува Кампања за важноста од еднаков пристап до образование за Ромите. Во рамки на истата се спроведуваат тркалезни маси во повеќе региони во државата и подготвени се ресурси за учење на македонски и ромски јазик. 

Во периодот од 29 мај до 20 јуни ќе се спроведе и он-лајн иницијативата „Сакам да...“ преку која ќе се претстават предизвиците и заложбите на децата и родителите од ромските заедници. Во текот на овој период, на официјалната интернет страница и Фејсбук страницата на Фондацијата „Чекор по чекор“ и партнерските организации ЗЦОП „Дендо Вас“ и ЦСИ „Надеж“ секој ден ќе објавуваме пораки и заложби за поквалитетно образование и живот кои со нас ги споделија децата и нивните родители од ромските заедници. 

„Условите во кои живеат Ромите во доминантно ромските заедници во Македонија можеби се потешки, но тие ги имаат истите желби и интереси како сите ние. Сите сакаме добри услови за образование, стабилна работа, чиста животна средина, квалитетна храна и добро здравје. Токму затоа, во оваа кампања им отстапуваме простор на децата и родителите од Шуто Оризари и Ѓорче Петров кои со нас ги споделија своите желби за подобро образование и поквалитетен живот, а целта ни е да ја запознаеме и сензибилизираме целата јавност со нивните заложби и желби и да придонесеме за надминување на предрасудите и стереотипите кои сѐ уште постојат во нашето општество“ – Елена Мишиќ, менаџер на Проектот за зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите преку образование. 

Досега во рамки на Кампањата за важноста од еднаков пристап до образование за Ромите беа спроведени тркалезни маси во општина Ѓорче Петров, Куманово, Прилеп, Битола, а во јуни следува тркалезна маса и во општина Шуто Оризари. Исто така, беа подготвени и пет сликовници во двојазичен формат – македонски и ромски, кои се достапни електронски и во печатена форма ќе се дистрибуираат во невладини организации и центри кои работат со Роми и во училиштата каде учат деца Роми.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo