Oтворен оглас за ангажирање на експерт за Проектот „Зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите преку образование“

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ - Македонија има потреба од Експерт за изработка на Евалуација на за проектот „Зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите преку образование“, финансиран од Европската Унија и Фондациите Отворено општество.
Информации за проектот
Општа цел на проектот е подобрување на состојбата на ромската заедница, која се карактеризира со несоодветна образовна свест, учество и постигања, недостаток на знаења и вештини за подобрување на вработливоста и квалитетот на животот во домот и заедницата, што резултира со незадоволителна финансиска состојба на ромското семејство што од своја страна неповолно влијае врз ползување на можностите за образование и вработување и за учество во процесите на демократско донесување одлуки на локално и национално ниво
Информации за ангажманот
Ромите во Македонија се една од најмаргинализираните групи, при што состојбата на жените и децата е особено тешка, со оглед на нивната економска и социјална вулнерабилност и зависност. Службените податоци потекнуваат воглавно од пописот од 2002 година, а во рамките на Декадата на вклучување на Ромите, достапни се истражувања во голема мерка благодарение на граѓанското општество кои пружаат информации за специфични прашања во определени заедници, кои можат да придонесат да се наслика состојбата на Ромите воопшто и да се нагласат главните проблеми со кои тие се соочуваат, како што несоодветно домување и санитарни услови, недостапност на квалитетни здравствени услуги и високи стапки на смртност, недоволно учество во образовните процеси и пониски образовни постигања, недоволна сопственост врз земјоделско земјиште, итн. Сепак, конкретни информации и податоци за образовната состојба, потребите и бариерите во двете општини каде се спроведува проектот не се достапни во доволна мерка.
За да се развијат соодветни решенија за потребите на целните групи, се очекува Студијата да понуди одговори и информации врз основа на кои ќе се планираат активности, едукативни материјали, обука и едукација и образовни цели за корисниците.
Задачите кои проектот ќе ги исполни се:
· Подобрување на образовните постигања, вклучувајќи предзнаења на деца во годината пред поаѓање во прво одделение, успехот на ученици од 1 до 7 одделение, и степенот на писменост кај млади девојки и жени,
· Подигање на нивото на информираност и подобрување на вештините кај Ромките за подобро родителство и проактивно одговорно граѓанство,
· Унапредување на демократското учеството на Ромите во процеси во заедницата и подобрување на капацитетите и вклученост ана ромските НВО во третирање на квалитетот на и дискриминацијата во услугите за жени и деца.
Цели на ангажманот:
Евалуацијата има за цел да ги процени ефектите и степенот на остварување на целите утврдени со проектот, според меѓународно прифатени принципи за спроведување на надворешни евалуации. Конкретни задачи на ангажманот се:
- да се опише окружувањето во кое се спроведувал проектот
- да се процени доследноста во спроведувањето на проектните активности од страна на сите проектни партнери
- да се процени степенот на подобрување на владеењето на македонскиот јазик и подготвеноста за успешен старт во 1 одделение кај децата корисници на програмата за ран детски развој во локалните образовни центри во општините Шуто Оризари и Ѓорче Петров
- да се процени степенот на подобрување на редовноста и успешноста кај децата од 1 до 7 одделение – корисници на локалните образовни центри во општините Шуто Оризари и Ѓорче Петров
- да се утврди промената во ставовите на возрасните корисници на услугите на локалните образовни центри во општините Шуто Оризари и Ѓорче Петров во однос на проектните цели
- да се утврди степенот на подобрување на информираноста, вештините и мотивацијата за учење и развој кај жените учеснички во проектните активности во локалните образовни центри во општините Шуто Оризари и Ѓорче Петров.

Предвидени активности:
- изготвување на инструменти и индикатори за утврдување на ефектите од спроведувањето на проектот
- преглед на проектна документација и на документи кои се однесуваат на состојбата на Ромите и националните и локалните политики
- спроведување на теренското истражување, во кое ќе се вклучени различни засегнати страни, со примена на квалитативни и квантитативни техники
- подготвување на Извештај од евалуацијата на македонски и англиски јазик.
Место на спроведување на активностите: Скопје, општини Шуто Оризари и Ѓорче Петров
Одговорно лице: Проектен менаџер
Временска рамка: 1 јули – 14 август 2017
Работни денови: 20
Барани квалификации:
Општи барања:
- завршени студии од прв циклус на полето на истражување, градење политики или образовни науки или еквивалентно на полето на образованието, втор циклус ќе се смета за плус
- 10 години работно искуство на полето на образование на вулнерабилни групи, ран детски развој и/или образование на возрасни
Специфични барања
- Учество во најмалку 5 истражувачки проекти од областа на образованието
- Подготовка на 3 евалуации на проекти
- Учество во програм/проекти на полето на вулнерабилни групи, проекти наменети за Роми се сметаат за плус
- Учество во програм/проекти на полето на образование на возрасни, проекти кои третираат описменување и градење вештини кај возрасни ќе се сметаат за плус
- Одлични вештини за комуникација, претставување и фасилитирање
- Поседување клучни вредности на анти-дискриминација, непристрасност, еднаков третман, почитување на приватност на информации и доверливост
- Владеење на англискиот јазик, особено пишаниот.
- Апликантите не смеат да имаат никаков судир на интереси.
Постапка за аплицирање и критериуми за оценување:
Апликантите треба да достават:
- мотивациско писмо
- куса предлог методологија со динамика на активности
- ажурирана професионална биографија во ЕУ експертски формат.
Бараните документи за аплицирање треба да се достават до Фондацијата „Чекор по чекор“ по електронски пат на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., најдоцна до 30.06.2017.
Апликантите ќе се оценуваат врз основа на исполнување на бараните критериуми, при што техничките критериуми на апликацијата ќе сочинуваат 80% а финансиските критериуми 20% од конечната оценка.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Биро за развој на образованието