ОГЛАС ЗА ОБУЧУВАЧ ЗА ИНКЛУЗИВНИ ТИМОВИ ВО УЧИЛИШТАТА

Проектот „Инклузивни партнерства со заедниците“ има за цел да го обезбеди правото на пристап кон услуги и да промовира социјална инклузија и инклузија во локалната заедница на лица/млади со попреченост, преку зајакнување на свеста на локално ниво и градење на капацитетите за градење одржливи, инклузивни локални партнерства.

Цели на обуките:
Обуката има за цел да ги подготви инклузивните тимови во училиштата за прифаќање и работа со ученици со попреченост, но и инкорпорирање на концептот на инклузија во пошироката средина: во администрацијата, кај родителите, во локалната заедница и слично. За оваа цел, училишните инклузивни тимови од 14 избрани основни училишта од 6 општини ќе следат обуки и ќе работат на последователни активности со цел подобрување на инклузивните практики во училиштата и пошироката заедница.

Теми на обуките:
1. Креирање индивидуализирана поддршка според потребите на учениците под повеќекратен ризик за исклучување и напуштање на училиштето (инклузијата како вредност; стереотипи и предрасуди; поучување социо-емоционални вештини за сите ученици);
2. Диференцирање на учењето и наставната програма за сите ученици;
3. Индивидуално образовно планирање (ИОП) – правење ИОП и следење на успехот според ИОП.

Кандидатите треба да назначат за која/кои од наведените теми би сакале да развиваат содржини и да спроведат обуки.

Главни задачи на обучувачот се:
• Развивање модули според дефинирани теми и методологија на работа базирана на интерактивност, вклучување и соработка со проектниот тим и другите обучувачи. Методологијата треба да содржи:
- цели на обуките и објаснување за пристапот и релевантноста на модулите;
- агенда на обуките;
- помошни материјали;
- теоретска позадина и меѓународни искуства;
- практични вежби;
- инструмент за евалуација на обуката;
- извештај од спроведената обука (форматот ќе биде обезбеден од проектниот тим);
• Спроведување обуки за инклузивните тимови во училиштата според развиените модули;
• Доставување целосна документација по спроведената обука и други активности до канцеларијата на Фондацијата (извештаи, списоци за присуство, евалуации, прегледани изработки од инклузивните тимови);
• Дефинирање на инклузивни цели и планови за спроведување на поединечните училишта (инклузивни тимови) вклучени во проектот.

Место на спроведување на задачата: училиштата во општините кои се корисници на проектот (Скопје, Куманово, Велес, Гостивар, Тетово, Струмица)
Времетраење на ангажманот: секој обучувач ќе одржи по 1 еднодневна обука во шесте општини
Временска рамка: октомври 2018 – декември 2018


На крајот на обуката учесниците ќе умеат:
• да создадат заеднички концепт за инклузивно образование како вредност која се негува на ниво на цело училиште;
• да собираат податоци врз основа на податоците и креираат активности за подобрување на инклузивните практики на ниво на училиште;
• да спроведуваат диференцирана настава за сите ученици;
• да креираат ИОП и го следат напредокот според него;
• да внесат содржини и техники во секојдневната настава од социо-емоционалното учење како клучни алатки за прифаќање, емпатичност и споделени вредности.

Барани квалификации и услови за работа:
• образование: прв циклус образование во педагогија/образовни науки, дефектологија или психологија; втор циклус студии ќе се смета за предност.
• флексибилност за работа преку викенди и патување во РМ;
• флексибилност за повремени посети на училиштата;
• докажани вештини за спроведување практични обуки и работилници;
• поседување добри комуникациски вештини;
• вештини за пишување и навремено испорачување на концизни и информативни извештаи.
Претходно искуство:
- да учествувал во најмалку 3 проекти кои ја подобруваат инклузијата на лицата со попреченост во образованието;
- да реализирал најмалку 5 обуки за наставници;
- да учествувал во работни групи и тимови кои придонеле за изработка на прирачници, извештаи, собирање податоци и/или изготвување стандарди за инклузија во училиштето и општеството;
- да има искуство во дизајнирање, подготвување и/или примена на ИОП.

Ги охрабруваме лицата кои ги исполнуваат критериумите и имаат попреченост да аплицират на овој оглас.

Овој оглас е отворен само за државјани на Р. Македонија. Ги покануваме заинтересираните кандидати да достават изјава за интерес и ажурирана професионална биографија на следнава адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. . Крајниот рок за доставување на апликациите е 21.09.2018.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието