Оглас за избор на фацилитатори за работа со деца од основните училишта

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ - Македонија со поддршка на “Save The Children International” – Косово и Шведската Интернационална Агенција за развој ќе го реализира пилот проектот „И јас имам глас“, со цел градење на капацитети на децата и младите за активно и одговорно граѓанство. Проектот исто така ќе помогне да се подигне јавната свест за важноста на проактивното почитување на правата на децата. Проектот се реализира во рамките на Регионалниот проект за создавање одговорен систем кој ќе овозможи механизми за спроведување на правата на децата, во периодот 2018-2020 година.

Преку активностите кои ќе се реализираат во проектот, учениците ќе можат да учествуваат во донесување одлуки на училишно ниво и ќе преземат акции за изразување на своето мислење и подобрување на состојбите кои ги засегаат нив и нивните врсници, преку уметнички и драмски активности како и активности во училишните клубови кои дејствуваат во нивните училиштата.

Повикот е отворен за фацилитатори на активности кои ќе бидат реализирани во проектните основни училишта под слоганот „И јас имам глас!“. Фацилитаторите треба да осмислат активности преку кои ќе им помогнат на учениците да ги артикулираат проблемите со кои се соочуваат и да ги изразат преку ликовни, драмски, и други уметнички или пишани форми (училишни билтени, кратки видео презентации и др.) Како резултат на работилниците кои ќе се реализиаат со учениците ќе бидат создадени кратки драмски сцени, ликовни трудови и други форми на изразување со наслов „Мојот глас во училиштето“, „Мојот глас во заедницата“ и „Мојот глас во општеството“. Овие трудови ќе бидат користени за Кампања за унапредување на јавната свест за правата на децата под слоганот „И јас имам глас!“ со која ќе биде истакната важноста од учеството на децата во решавање прашања кои ги засегаат, од област што тие самите ќе ја одберат. Кампањата ќе заврши со организација на заеднички настан кој ќе претставува можност да се слушнат инспиративни приказни раскажани преку лично или професионално искуство на наставниците и учениците вклучени во Проектот.

Главни задачи на фацилитаторите ќе бидат:

  • Подготвување агенда за активностите како и помошни материјали за истата;
  • Подготовка на краток опис на планираните активности;
  • Реализирање драмски/ликовни активности според погоре наведениот опис;
  • Доставување целосна документација по спроведената активност до канцеларијата на Фондацијата (извештаи, списоци за присуство, евалуации, фотографии, видео записи и други изработки од учениците. Форматот за извештајот, списоците за присуство и евалуациите и ќе бидат обезбедени од проектниот тим)

Место на спроведување на задачата: локално, во четири основни училишта во Скопје, Тетово и с. Драгоманце- Старо Нагоричане.

Временска рамка: ноември 2018 – декември 2018

Барани квалификации и услови за работа:

  • Образование: прв циклус образование во општествени науки; Ќе се смета за предност доколку кандидатите имаат образование од областа на драмската и ликовната уметност, педагогија и психологија. Кандидатите ќе треба да докажат дека имаат соодветни компетенции и искуство.
  • Искуство во работа со претставници на граѓанскиот сектор и на образовни институции.

 

Претходно искуство:

  • Претходно искуство во спроведување креативни работилници со ученици од основни училишта.
  • Вклученост во работилници за развивање активизам и вклучување на децата во процесот на донесување одлуки.

Вештини и способности:

  • Добри комуникациски вештини
  • Компјутерски вештини (користење на MS Office и други мултимедиски програми)
  • Поседување возачка дозвола.


Надгледувањето на реализирањето на активностите го врши проектниот тим.

Дополнителни информации:

Кандидатите треба да понудат цена по која ќе ги подготват и реализираат активностите. Цената се однесува на еднодневен ангажман во траење од 8 работни часа, кој вклучува осмислување и реализирање на активностите и поднесување целосна документација за реализираната активност. Цената треба да биде изразена во македонски денари и во нето износ.

Апликантите ќе се оценуваат врз основа на исполнување на бараните критериуми, при што техничките критериуми на апликацијата ќе сочинуваат 80%, а финансиските критериуми 20% од конечната оценка.

Доколку на проектниот тим му се потребни дополнителни информации за кандидатите, истите ќе бидат повикани на дополнителен разговор.

Овој оглас е отворен за сите државјани на Р. Македонија, без разлика на етничката припадност. Фондацијата „Чекор по чекор“ не поддржува дискриминација по било која основа. Ги покануваме заинтересираните кандидати да достават изјава за интерес и ажурирана професионална биографија на следнава адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Крајниот рок за доставување на апликациите е 07.11.2018 до 14 часот.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Биро за развој на образованието