Меѓународна програма „Чекор по чекор''

Фондацијата „Чекор по чекор'' - Македонија е дел од Интернационалната Асоцијација „Чекор по чекор" (International Step By Step Association - ISSA) http://www.issa.nl/, која поврзува организации и професионалци кои работат на полето на раниот детски развој и образование. Основана во Холандија во 1999, денес мрежата на ISSA се протега во Централна и Источна Европа, во Централна Азија, Северна и Јужна Америка. Иако нуди сеопфатни информации за сите заинтересирани единки и организации, јадрото на ISSA го сочинуваат 29 невладини организации, кои ја имплементираат воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор" иницирана од Институтот Отворено општество и Универзитетот „Џорџтаун'' од Вашингтон во 1994.

Целите на оваа образовно-реформска програма се зајакнување на демократските принципи кај децата, нивните семејства, нивните воспитувачи/учители, стручната служба од градинката/училиштето (педагози,психолози) и учителите. Програмата поттикнува промена на сите нивоа, вклучувајќи ги ресорните министерства, универзитетите, училиштата и локалната заедница.

Програмските основи на воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор" се базираат врз следниве цели׃

  • Истакнување на индивидуалноста на секое дете
  • Поттикнување на целокупниот развој на децата׃ когнитивен, физички, социјален, емотивен и естетски
  • Вклучување на семејствата во образовниот процес
  • Постојана обука и техничка поддршка во реализирањето наставни методи насочени кон децата


Во Македонија, воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор" е имплементирана во сите градинки (во тоа време поделени во 51 организациони единици) и во 86 основни училишта, низ семинари, едукативни работилници и постојани работни средби организирани за воспитно-образовниот кадар од градинките и училиштата.

Во рамки на програмата исто така:

  • издадени се следните прирачници за воспитно-образовниот кадар и родителите: Прирачник „Чекор по чекор“- родителите како застапници, Прирачник „Чекор по чекор“ за деца од раѓање до две години, Прирачник „Чекор по чекор“ за предучилишни деца на возраст од 3-6 години, Прирачник „Чекор по чекор“ за инклузија на деца со специјални образовни потреби, Прирачник „Чекор по чекор“ за училишни деца на возраст од 8-10 години. Прирачниците може да се преземат во електронска форма од нашата Библиотека;
  • отпечатени се детски сликовници на македонски и албански јазик - Како дел од иницијативата на Институтот Отворено општество - Њујорк за „Интернет издаваштво", во рамки на која низ соработката со 28-те земји вклучени во проектот беа изготвени околу 12 наслови на детски сликовници, достапни на интернет страницата на Интернационалната Асоцијација „Чекор по чекор".„Катче за читање" http://www.readingcorner.org/, Фондација „Чекор по чекор" - Македонија издаде дванаесет наслови сликовници на македонски и албански јазик. Сликовниците може да се преземат од нашата Библиотека;
  • oтворени се два креативни детски центри - Детски Креативен Центар во Скопје и Детски Креативен Центар во Радовиш
  • воспоставени се модел училници според споменатата методологија низ повеќе основни училишта и детски градинки во земјата.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo