Вклучете се во одбележувањето на Светскиот ден на раскажување приказни

Пред мнооогу, мнооогу години (во 1991 година) во една даааалечна земја (Шведска), на 20-ти март, денот на рамноденицата и денот кога настапува пролетта, за прв пат беше одбележан денот на слушањето и раскажувањето приказни. Секоја наредна година, сè повеќе и повеќе земји од Европа и од целиот свет се приклучуваат во прославувањето на овој ден.  

Целта на Светскиот ден на раскажувањето приказни е да се прослави усното раскажување на приказни и преданија. За таа цел, на 20 март, насекаде во светот луѓето слушаат и раскажуваат приказни од современиот живот, но и од фолклорот, локалната култура и традиција.  

Секоја година, Светскиот ден на раскажувањето приказни е на различна тема. Минатата, 2014 година, раскажувавме приказни за чудовишта и змејови, а темата за 2015 година е: „Нашите желби“ – имаме големи соништа за иднината и сакаме да ги споделиме со сите“!

Ова е одлична можност за сите наставници, родители, баби и дедовци да се сетат на дел од усните преданија од нашиот богат фолклор и култура, и да ги раскажуваат заедно со своите деца. Темата за оваа година нека ве води, но нека не ве ограничува! Со ова ќе станеме дел од глобалната прослава на Светскиот ден на раскажувањето приказни и ќе придонесеме за одржување на нашата богата традиција на народни приказни и нивно пренесување на помладите генерации.

За повеќе информации околу глобалното одбележување на Денот на раскажувањето приказни, на англиски јазик, кликнете тука.

светски ден на раскажувањето 2014Во 2014 година, Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ го прослави Светскиот ден на раскажувањето во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, каде актерите Мартин Јорданоски и Соња Стамболџиоска со ученици од повеќе скопски училишта раскажуваа приказни за змејови и ламји.

На 20-ти март се одбележува и Светскиот ден на театарот за деца и младинци. Каква прекрасна коинциденција, зарем не?  

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието