Светски ден на наставникот! Да се потсетиме на важноста на наставничката професија

По повод Светскиот ден на наставникот, 5 октомври, би сакале да ве потсетиме на огромната улога што вие наставниците ја играте во животот на секое дете. Во продолжение може да ја прочитате приказната за Теди, објавена пред 30 години од страна на Елизабет Балард, која во исто време е трогателна, инспиративна и нè тера да размислиме и да го преиспитаме односот кој го имаме секојдневно со децата во процесот на нивното подучување и воспитување. Уживајте во читањето!

Три писма од Теди

Денес добив писмо од Теди. Длабоко ме трогна и ме потсети колку може да биде важна улогата на учителот во животот на децата. Дозволете да Ви ја кажам мојата приказна. Теди ми беше ученик во четврто одделение, многу одамна, добро се сеќавам на него. Бев учителка три години и мислев дека сум многу добра како учител. Но, Теди ми го покажа спротивното. Знаев дека треба да се однесувам еднакво кон сите деца, но за жал, од самиот почеток не го сакав Теди. Се срамам да го признам тоа. Беше извалкан. Алиштата му беа искинати. Немаше другарчиња. Безнадежно заостануваше зад другите деца. Беше тешко да се работи со него и јас многу брзо се откажав од него. Едноставно не го сакав и тоа не го криев. Моето однесување влијаеше и врз другите деца и набрзо тој стана „грдото пајче“ во одделението. Но, јас не се грижев за тоа. Тогаш не. Секој знае дека добриот учител може да ги научи не само паметните деца, туку и оние кои имаат проблеми во учењето. Но, јас таа година своето внимание го насочив кон добрите ученици, а на послабите им посветував минимално внимание, особено на Теди. Се прашував како до сега ги поминал трите одделенија без да повторува. Ги проверив неговите досиеја од минатите години:

Прво одделение: Теди е бавен. Постојано е уморен. Домашната состојба му е многу тешка.

Второ одделение: Теди многу изостанува од училиште. Неговата мајка е многу болна.

Трето одделение: Теди заостанува зад другите деца. Неговата мајка умре во април. Татко му не е заинтересиран за неговото школување.

Одлучив Теди да не помине во следното одделение. И додека ја носев во себе таа одлука, Теди се повеќе пропаѓаше.

Првото полугодие помина многу брзо и дојде зимскиот распуст. Училницата беше украсена со елка која имаше многу прекрасни пакетчиња што јас и моите ученици ги подготвивме едни за други. Ги отворав подароците од децата пред нив и секое отворање беше проследено со извици на воодушевување. Кога дојде на ред подарокот на Теди, веднаш знаев дека е негов. Беше завиткан во весник. На него имаше декорации нацртани со мрсна боичка и беше залепен со темен селотејп. Додека го одвиткував, на подот падна евтина нараквица на која и недостасуваа две камчиња и полу испразнето шишенце со парфем. Никој не прозборе ни збор. Сите чекаа на мојата реакција. „Зар не е прекрасна“, реков, подигнувајќи ја нараквицата од подот. „Теди, ќе ми помогнеш ли да ја запетлам“? го прашав. Тој срамежливо дојде, ја стави нараквицата на мојата рака и веднаш се врати на своето место. Потоа се намирисав со парфемот, а набргу и некои од девојчињата посакаа да го сторат истото. Се почестивме со колачиња и набрзо дојде време да одиме. Децата заминуваа поздравувајќи ме со „Ќе се видиме следната година!“ и „Среќен Божиќ!“. Сите заминаа освен Теди. Сè уште седеше на своето место чекајќи ме да дојдам до него. „Мирисате исто како мајка ми“ рече. Нејзината нараквица и Вам убаво Ви стои“. Му заблагодарив, го прегрнав, и тој брзо замина од училницата.

Само што излезе, седнав и почнав да плачам. И во истиот миг знаев што ќе добие Теди за Божиќен подарок. Ќе добие добра учителка. Од тогаш им посветував големо внимание на сите ученици, особено на Теди. Остануваше со мене по часовите скоро секој ден. Понекогаш работеше со мене, понекогаш сам, а понекогаш му помагаа другите деца. Почна да покажува успех, почна да учи. Како да процвета пред моите очи. Тоа беше моето најдрагоцено искуство како учител.

На крајот на училишната година, Теди се пресели во друг град. Но, јас знаев дека Теди има способности и вештини да успее каде и да е. Не бев чула ништо за Теди со години, но често мислев на него.

Еден ден го добив неговото прво писмо: „Драга госпоѓо Томпсон, Вие сте прва што сакам да ја известам дека следната недела ќе матурирам. Втор сум во класот. Знам дека ќе Ви биде мило да го слушнете ова“. Ве сака Теди. Му испратив комплет пенкала. Бев горда на него.

Неколку години подоцна го добив второто писмо: „Драга госпоѓо Томпсон, Сакам да бидете прва што ќе ја известам. Следниот месец ќе дипломирам. Работата на факултетот беше многу тешка, но јас успеав. Прв сум во мојата генерација. Сакам да Ви заблагодарам за сè што направивте за мене и што ми помогнавте да стасам до овде, каде што сум денес“. Ве сака Теди.

Денес го добив третото писмо: „Драга Госпоѓо Томпсон, Следниот месец ќе дипломирам и планирам да се оженам. Се прашувам да ли би можеле да дојдете на мојата свадба и да седите на местото на мајка ми. Татко ми умре минатата година и нема да имам никој свој. Се надевам дека ќе можете да дојдете. Тоа многу ќе ми значи. Ве сака др. Теди Балард“.

Не сум сигурна каков подарок да му подарам на новиот лекар, но не можев да почекам да му го испратам мојот одговор. Драги Теди, Ти ме научи на смислата на мојата професија и мојот подарок никогаш никогаш нема да биде еднаков со подарокот што Ти ми го даде. Би сакала да дојдам на Твојата свадба. Те сака Мери Томпсон.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo