Повик за аплицирање за мастеp обучувачи и ментори во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“

Фондацијата  за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ отвора повик за мастер обучувачи и ментори за потребите на проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.

Повикот е отворен за сите заинтересирани наставници, педагози, психолози, директори, советници од државните образовни институции, професори од педагошките факултети и сите оние кои до сега држеле обуки за наставниците во основното образование за подобрување на јазичната и математичката писменост и кои имаат искуство во работење според методологии насочени кон детето.  

Сите заинтересирани кандидати можат да испратат апликација по електронски пат, на следната е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., најдоцна до 20.01.2015.

Апликацијата треба да содржи:
- Ажурирана лична биографија;
- Пополнета пријава која можете да ја симнете тука;
- Скенирани сертификати за одржани обуки или за учество во обуки.

*Ве молиме сите овие документи испратете ни ги во единствен .zip фајл.
**Непотполните апликации нема да се земаат предвид.


За повеќе информации во врска со процедурата за аплицирање, обратете се кај Петар Николоски во канцеларијата на Фондација „Чекор по чекор“, на тел: 02/3077-900 лок.14.


Информации за Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“
Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’ има за цел да придонесе за подобрување на јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, зајакнување на педагошките вештини на наставниците, особено вештините за формативно оценување и проценка на нивото на јазична и математичка писменост кај учениците, и подигање на свеста кај целата заедница за важноста од јазична и математичка писменост во интелектуалниот развој на децата.
Фондацијата „Чекор по чекор“ – Македонија ги подготвува и спроведува активностите на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ во соработка со Министерството за образование и наука на Р.М.

Проектот се реализира преку следните 5 компоненти:

  • Компонента 1: Проценка на јазична и математичка писменост
Преку инструментите на УСАИД за мерење на постигањата по јазична и математичка писменост, ЕГРА (Early Grade Reading Assessment) и ЕГМА(Early Grade Math Assessment),прилагодени на локалниот контекст, на македонски и албански јазик, се добива јасна слика за постигањата на учениците по мајчин јазик и математика. Резултатите добиени со примена на овие инструменти можат да послужат за подобрување на методите кои се користат во наставата.

  • Компонента 2: Професионален развој
Врз основа на податоците добиени од процените со инструментите ЕГРА и ЕГМА, ќе се креираат и спроведуваат обуки кои на наставниците и претставниците од образовните институции ќе им нудат можност за развивање на капацитетите за оцена на постигањата на учениците по мајчин јазик и математика и користење интерактивни методи и активности за работа со учениците кои ја стимулираат јазичната и математичката писменост.

  • Компонента 3: Заедници за учење
Оваа компонента ќе се фокусира на формирање култура” за учење меѓу наставниците и регионални мрежи за поддршка на нивниот професионален развој. Во рамки на училишните заедници ќе се идентификуваат наставници-лидери кои применуваат иновативни наставни практики и кои ќе можат да нудат поддршка и позитивни примери за добра наставна практика по мајчин јазик и математика.

  • Компонента 4: Дигитални ресурси за учење
Оваа компонента од проектот креира или адаптира материјали за учење на мајчин јазик и математика, во форма на аудио книги, сликовници, игри и поттикнува користење на ИКТ при изучувањето на мајчин јазик и математика.

  • Компонента 5: Вклучување на семејствата и заедницата
Целта на оваа компонента е да се зголеми учеството на семејствата на учениците и заедницата и да се опфатат што поголем број деца од различна етничка и социјална припадност, деца со посебни потреби и деца згрижени во институции, преку разни иновативни и креативни активности како што се: Караван на букви и броеви, Библиотека на тркала и Детски креативен центар.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Save the children EU DIC Биро за развој на образованието