„Ајде да зборуваме за писменоста“ - Интервју за влијанието на сиромаштијата врз образованието

Бројни економски и социјални предизвици кои, меѓу другото, се последица од подолга економска рецесија и нестабилна демократија, се честа појава во земјите од Балканот, но и поширокиот регион. Статистиката покажува дека во регионот постои висок процент од населението кое живее во ризик од сиромаштија и социјална маргинализација. Од друга страна, голем број на студии потврдуваат дека социо-економскиот статус во голема мера директно влијае врз академскиот успех на учениците. Имајќи го ова предвид, Мрежата на центри за креирање образовни политики (Network of Education Policy Centres -NEPC) организираше летна школа на тема „Влијание на сиромаштијата врз образованието“. Летната школа се одржа на Косово во периодот од 2 до 8 јули 2017 год. и на истата присуствуваа истражувачи од областа на образованието, практичари и претставници од невладини организации од Косово, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Монголија, Турција и Македонија, вклучувајќи ја и Фондацијата „Чекор по чекор“ – Македонија. НЕПЦ е меѓународна невладина организација со седиште во Загреб, Хрватска, во која членуваат 24 организации – членки од 18 земји. Мисијата на НЕПЦ е да промовира флексибилно, партиципативно и транспарентно образование, а од 2008 година организираат и летни школи на различни теми. Во оваа прилика разговараме со Лана Јурко, извршна директорка на НЕПЦ и Радмила Рангелов Јусовиќ, извршна директорка на Центарот за едукативни иницијативи „Чекор по чекор“ – БиХ која беше еден од обучувачите на летната школа.

Зошто летна школа токму на темата „Влијание на сиромаштијата врз образованието“?
Пред околу четири години, во рамки на нашата мрежа, започнавме да зборуваме поинтензивно за ефектите кои сиромаштијата ги има врз образованието на децата и што можеме да преземеме да ја подобриме ситуацијата. Испративме прашалник до организациите членки во мрежата и ги прашавме дали имаат спроведувано проекти кои се фокусираат конкретно на сиромаштија и ефектите од истата. Дознавме дека иако скоро сите организации се свесни за сиромаштијата како проблем, ниту една од нив не се занимава директно со сиромаштија, туку на неа се гледа како придружно прашање на групите граѓани кои се ранливи по друга основа, најчесто етничка. Во НЕПЦ сакаме да го смениме ова и да ја подигнеме свеста на наставниците во регионот за ефектите на сиромаштијата врз успехот на децата во учењето, но и да им дадеме конкретни алатки кои можат да ги користат во училницата, училиштата и општините. Летната школа е само еден од начините да го постигнеме ова.

Најпрво, да го дефинираме концептот за сиромаштија. Дали тоа претставува само недостаток на финансиски средства или содржи во себе подлабоки, повеќедимензионални импликации?
Постојат различни дефиниции за сиромаштија, но според сите тие сиромаштијата е многу повеќе од недостаток на финансиски средства и ресурси. Сиромаштијата е тесно поврзана со недостаток на избори и можности и скоро секогаш постои и газење на човекови права и достоинство. За многу луѓе и деца, сиромаштијата значи и социјална маргинализација, недоволна здравствена нега, немање пристап до образование и култура. Можеме да зборуваме и за ситуациона сиромаштија, урбана, рурална, релативна или генерациска сиромаштија, како посебни концепти.

Untitled 23

Фотографија од проект „Социјална инклузија на деца и млади од економски неразвиени региони во Македонија“

Дали постои „култура на сиромаштија“ или тоа е само мит? Дали можеме да говориме за единствен образец на однесување кој го следат сите луѓе кои живеат во сиромаштија?
За жал, во многу општества постои генерализирање и следствено предрасуди кон луѓето и децата кои живеат во сиромаштија. Ова дополнително ја зголемува нивната социјална изолација, а води и до класизам. Бројни истражувања докажуваат дека „културата на сиромаштија“ претставува само мит и дека наша обврска како наставници е да зборуваме отворено за ова. Како општество треба да работиме кон социјална правда и создавање еднакви можности, наместо да бараме изговори и наративи кои го хранат митот за „култура за сиромаштија“.

Дали сметате дека е посветено потребното внимание на ефектите кои сиромаштијата ги има врз образованието на децата во нашиот регион?
Дефинитивно не. Со ова не сакам да кажам дека ништо не се прави по ова прашање. Напротив, во различни земји се спроведуваат различни социјални или образовни мерки за намалување на ефектите од сиромаштијата врз успехот во учењето. Сепак, тоа тоа што се прави не е доволно и сиромаштијата сѐ уште е табу тема во нашиот регион. На неа се гледа како нешто срамно и се смета дека со себе носи и низа други општествени појави кои не се адресираат соодветно, ниту на општествено ниту на училишно ниво.

Постојат ли некои позитивни практики од регионот за тоа како може да се намали влијанието на социо-економскиот статус врз академскиот успех на учениците?
Зависи што подразбирате под наш регион, но доколку се земе регионот во кој делува мрежата НЕПЦ, Естонија е доста успешна во тој поглед. Нивните резултати од меѓународната студија ПИСА спроведена во 2015 год., го потврдуваат ова, а за време на нашата неодамнешна посета таму видовме цела низа позитивни мерки кои ги спроведуваат. Од бесплатни оброци и превоз за учениците од низок социо-економски статус, до бесплатна образовна поддршка и воннаставни активности, како и вклучување на целата заедница. Добросостојбата на децата е директно поврзана со нивниот успех во учењето, така што се чини дека Естонците се на добар пат да го постигнат тоа.

Што можат наставниците да направат за да создадат средина за учење со еднакви и фер можности за сите ученици?
Постојат многу работи кои наставниците можат да ги направат за сите деца да се чувствуваат пријатно во училницата. Секогаш треба да сме свесни дека не сите деца имаат еднаков пристап до ресурси за учење и не сите родители се во можност да им помогнат со учењето дома. Исто така, не треба да претпоставуваме дека сите деца имаат интернет или компјутер дома. Би сакале да препорачаме едно четиво од Пол Горски под наслов „Митот за сиромаштијата“ (Myths on Poverty – Paul Gorski) каде на фин начин е опишано што ние како наставници може да направиме.

dete na kuka

Фотографија од проект „Социјална инклузија на деца и млади од економски неразвиени региони во Македонија“

Како можеме да градиме поправични образовни системи? Што може да се направи на индивидуално, училишно и национално ниво?
Еднаквите можности во образованието се виша цел на мрежата НЕПЦ и сѐ што правиме е во оваа насока. Постојат бројни препреки и ова не е цел која се постигнува брзо и лесно. Сепак, постојат мерки кои можат да се преземат уште веднаш во училница или на училишно ниво, а за кои не ни требаат никакви финансиски средства. Важно е да не се губиме и обесхрабруваме од бројните предизвици во општеството. Кога сме кај училишни мерки за чија имплементација не ни требаат никакви ресурси, училиштата можат да воведат политика за упис на ученици од низок социо-економски статус кој ќе им овозможи да се запишуваат во поквалитетни државни училишта.

Мрежата НЕПЦ штотуку започна со спроведување на проектот „Улогата и задачите на образованието во рушењето на табуата за сиромаштија”, со финансиска поддршка на Еразмус+, кој ќе понуди предлог политики и практики за создавање поправично образование. И Македонија е вклучена во овој проект и се надеваме дека ќе има директен ефект и во вашите училишта.


ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo