Ајде да зборуваме за писменоста! – Интервју со Шпетим Љатифи, директор на Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот

IMG 0488Проектот за деца со пречки во видот е петгодишен проект кој започна во октомври 2014 година. Се спроведува од страна на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), а финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и Меѓународната Фондација на Лајонс Клубовите (LCIF). Главната цел на проектот е да се зголеми образовната можност за децата со пречки во видот како и детекција и превенција на очни болести во рана фаза. Неодамна, во рамки на овој проект беа промовирани учебници за основно образование, адаптирани и отпечатени на Браево писмо, како и останата детска литература и белетристика на Браево писмо. Ова беше повод да поразговараме со Шпетим Љатифи, директор на овој проект, за ресурсите и останатите активности кои овој проект ги нуди за лицата со оштетен вид.

Неодамна промовиравте нови печатени ресурси на Браево писмо. За какви книги станува збор и каде се достапни истите?
Станува збор за детски романи адаптирани и отпечатени на Браево писмо кои неодамна беа промовирани на Саем на книга, односно насловите „Морската самовила“,20161122 141217 „Лесната принцеза“, „Бајки“, „Тајните на моето срце“ и „Доктор Дулитл“. Нови печатени ресурси нема само за децата со посебни потреби, туку и за возрасните бидејќи воедно се печатени и книгите на авторот Коста Петров, „Се гледаме на врвот“, „Нашето последно кафе“, „Никој не рече дека ќе биде лесно“ и „Стравот“.
Инаку проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот ги прилагодува и печати на Браево писмо и сите учебници, над 150 наслови од прво до деветто одделение на македонски и албански јазик. Учебниците се бесплатно достапни во петте ресурсни центри кои проектот ги отвори и истите се наоѓаат на следните локации: ОУ „Јован Хаџи Константин – Џинот“ во Велес, „Вудроу Вилсон“ во Тетово, ОУ „Гоце Делчев“ во Штип, ОУ „Трифун Пановски“ во Битола, и СУГС „Димитар Влахов“ во Скопје.

Подготвувате и аудио книги. Дали ги објавувате он-лајн и како можат до нив да стигнат оние кому се најмногу потребни?
Подготвуваме и аудио книги, а тоа значи дека содржини од класичната литература и школските лектири се снимаат и преработуваат во аудио фајлови во лабораторијата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, од страна на Лајонси, студенти и волонтери кои се ангажирани преку нашиот проект. Досега се снимени 66 наслови на книги и истите ќе бидат достапни од месец јуни не само за лицата со оштетен вид, туку за сите заинтерерисани слушатели на аудио книги на веб страницата на проектот http://cvip.seeu.edu.mk 

Вршите и рана дијагностика на видот кај децата. Во кои градинки и училишта го правите тоа? Како можат родителите и воспитувачите/ наставниците да се информираат за овие прегледи?
IMG 1727Раната дијагностика на видот кај децата е втората главна цел на проектот, која спаѓа во здравствената компонента, покрај образовната и социјалната. Проектот во соработка со Здружението на офталмолози, Универзитетската клиника за очни болести во Скопје и со приватната болница „Систина Офталмологија“ извршуваат очни скрининзи на децата на возраст од 3 до 6 години. Проектниот тим на офталмолози, кој сега е веќе е проширен и брои 24 истакнати офталмолози ги спроведува очните прегледи во градинките во Република Македонија.
Очните скрининзи се спроведуваат со најсовремена технологија, пренослив авто-рефрактометар (Adaptica). Од јуни 2015 година па до денес, над 11000 деца на возраст од 3 до 6 години беа прегледани преку очните скрининзи во градинките во Скопје, Велес, Штип, Битола, Охрид, Тетово, Гостивар, Струмица и Куманово. Освен во градинките, очните скрининзи почнаа да се спроведуваат и по основните училишта опфаќајки ги учениците од прво до трето одделение.
За здравствената компонента на Проектот придонесуваат и членовите на Lions клубовите кои организираат предавања за подигнување на свеста против очните болести, преку програмата Lions Eye Health Program - програма за здравјето на очите, со цел да се подигне јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат лицата со пречки во видот.

Постои ли најсоодветна возраст за рана дијагностика на евентуални оштетувања на видот кај децата?
Според офталмолозите, најсоодветна возраст за да се направи дијагностика како подобро би се открило и лекувало оштетување на видот е возраста од 3 до 6 години.IMG 6351
Во рамки на проектот заедно со проектниот тим на офталмолози и Здружението на офталмолози на Македонија успеавме да излобираме промена на регулативата, според која секој матичен педијатар ги упатува на задолжителен офталмолошки преглед сите деца почнувајќи од 3 годишна возраст.

Имате ли статистика за тоа колку од децата со оштетен вид во Македонија се вклучени во редовниот образовен систем?
Во Македонија во моментот нема точна статистика околу бројот на децата со оштетен вид кои се вклучени во редовниот образовен систем. Но, со проектот во нашите ресурсни центри опфаќаме околу 40 ученици во Штип, Битола, Велес и Тетово и околу 50 деца во Ресурсниот Центар во Скопје, односно државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.

Дали сметате дека Македонија е инклузивно општество кога станува збор за лицата со оштетен вид и слепите лица?
Кога станува збор за инклузијата на лицата со оштетен вид и слепите лица во Македонија, соодветните институции се трудат да ги подобрат условите, но секогаш може да се направи повеќе. Проектот има добра соработка со Министерството за образование и наука, со Министерството за труд и социјална политика, општините, Сојузот на слепи лица на Македонија, Здружение на офталмолози, како и Црвениот крст на град Скопје, како партнер и подизведувач на социјалната компонента на проектот, преку Центарот за поддршка за лица со оштетен вид кој што е лоциран во зградата на Црвениот крст на Република Македонија и функционира секој работен ден од 9 до 17 часот.
14711201 1798988647047003 2397462827113036404 oЦентарот првенствено се фокусира на различни активности и сесии, како што се: редовни психолошки советувања, дружење, размена на информации и совети за вклучување и користење на системот на социјална и здравствена заштита во Македонија, помош за мобилност и транспорт, кариера и развој на вештини за работна подготвеност на лицата со оштетен вид.
Проектот во соработка со сите партнери обезбедува содржини на Браево писмо и дидактички материјали во ресурсните центри. Тука активно работиме со децата со оштетен вид, кои покрај редовната настава, ги посетуваат дополнителна настава во овие ресурни центри. Ќе продолжиме и понатака да развиваме ресурси за да ја унапредиме инклузијата на лицата со пречки во видот во нашето општество и да им обезбедиме непречено и самостојно да функционираат во секојдневниот живот.

Какви препораки би дале за воспитно-образовниот кадар од градинките и училиштата – што тие можат да направат за училницата и училиштето да го направат поинклузивна средина за учење за децата со оштетен вид?
Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот неодамна работеше и на истражување за состојбата и реалните потреби на лицата со пречки во видот кои живеаат во Македонија во споредба со условите во регионот и Европа. Како резултат од истражувањето произлезе Бриф за јавни политики, кој и официјално ќе се промовира на 9-ти јуни во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје.
Брифот за јавни политики за лицата со пречки во видот во себе содржи 9 препораки почнувајќи од ревидирањето на постоечкото законодаваство и хармонизирање со законодаството на ЕУ, унифицирање на сите правни акти во единствен правен акт, заедно со буџетска подршка и институционална надградба за успешно спроведување на истиот па сѐ до препораки за инклузија во образованието, организирање кампањи и изработка на национална стратегија за социјална инклузија на лицата со пречки во видот и слепите лица во Република Македонија.

ПАРТНЕРИ

USAID OSI Member of ISSA-logo-final FOSIM
Надеж EU DIC Dendo